Тимот MES Racing се подготвува да дебитира на Формула Студент
Студенти ентузијасти го сочинуваат тимот кој напорно работи годинава да учествува во Формула Студент, натпреварување наменето за идните инженери на автомобилската индустрија. Тоа е едукативен инженерски натпревар кој има за цел да развие претприемнички и иновативни млади инженери. Се смета за еден од најафирмираните едукативни натпревари за мотоспорт во светот.
Универзитетските студенти формираат тимови за да дизајнираат, изградат, тестираат и да се тркаат со мали тркачки автомобил во стил на формула. Овие тимови често се состојат од студенти од различни инженерски дисциплини, вклучувајќи машинско, електро и софтверско инженерство. Предизвикот не е само да се направи брз болид, туку се фокусира и на дизајнот, инженерството и издржливоста на автомобилот.
MES Racing, е посветен и страстен тим составен од 20 студенти од Машинскиот, Факултетот за електротехника и информациски технологии и Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Нивното знаење и желба за докажување меѓу колегите од Европа постави амбициозна цел пред овие млади ентузијасти, а тоа е да го создадат првиот македонски тркачки автомобил во стил на формула од мали размери и да ја покажат инженерската вештина на меѓународната сцена.
Годинешната цел е настапот на натпреварот што ќе се одржи во Хрватска каде ќе се натпреваруваат со болид кој има погон на согорување од моторцикл, конкретно Yamaha Fazer, кој треба да биде интегриран во болидот, а притоа да ги исполнува сите зададени регулации. Нашите млади инженерски надежи, покрај градењето на болидот имаат за цел да ги постават темелите за идните генерации, обезбедувајќи им солиден проект на кој ќе работат и напредуваат.
Одржливоста е уште еден фундаментален аспект на проектот каде приоритетот е повторна употреба на делови и минимизирање на отпадот преку рециклирање како и акцентираната еколошка одговорност со користење на еколошко гориво како што е E85. Фокусирани да стигнат да го направат својот адут, студентите размислуваат и на идните проекти. Амбициозна, но не е неостварлита целта, да се започне со изградба на електричен болид кој би имал способност за автономно возење. Формула Студент настаните се одржуваат ширум светот, а најреномирани се во земји како Британија, Германија, САД и Австралија каде се поддржани од автомобилската и мотоспорт индустрија.
Многу професионалци од оваа гранка се вклучени во Формула Студент, обезбедувајќи менторство на тимовите и се дел од комисијата за оценување на натпреварот. Нашиот тим го води Димитар Алжуроски, претставник од МФС, додека Мартин Миланоски е лидер на тимот електроника, претставник од ФЕИТ и Харитина Сакова тим лидер на аеродинамика и шасија, студент на МФС. Координатор на проектот е Проф. д-р Даме Димитровски од МФС.
Натпреварот бара од студентите да испорачаат сеопфатен пакет кој вклучува дизајн, перформанси и финансиско планирање. Натпреварот обично се состои од статични и динамични настани. Статичните настани може да вклучуваат презентации на дизајн, анализа на трошоците и деловни презентации, каде тимовите го прикажуваат својот проект на потенцијални инвеститори. Динамичните настани обично го вклучуваат самиот автомобил, како забрзување, лизгање, автокрос, економичност на гориво и тестови на издржливост.
Формула Студент е високо ценета поради неговото инженерско искуство во реалниот свет. Тој им нуди на студентите практично искуство во дизајнот, инженерството, тимската работа, менаџментот и финансиите, од кои сите се многу корисни за нивните идни кариери. Инспирирани од ова, MES Racing има за цел да организира јавни едукативни напревари. Еден тридневен натпревар веќе е одржан каде натпреварувачите беа предизвикани да го истражат и иновираат аеродинамичниот дизајн на болидот, според регулациите, со цел да ги подобрат перформансите на возилото.
Ова вклучува примена на принципите на аеродинамика за да се намали отпорот на воздухот и да се подобри агилноста и стабилноста на автомобилот. На натпреварот можеа да се пријават средношколци од четврта година и студенти на државни и приватни универзитети, љубители на Формула 1, кои беа поделени во три тима. Натпреварот доби поддршка и од врвниот македонски возач Игор Стефановски- Иџе.
Искрено се надеваме дека MES Racing ќе успее годинава да учествува на натпреварот во Хрватска. Воедно, сакаме да ги поттикнеме нашите компании, како дел од нивната социјална одговорност и извор на обезбедување на идни стручни кадри, да го поддржат ентузијазмот на младите студенти од MES Racing тимот.