Smart Concept #1

насловна Новитети

Враќањето на отпишаните

Smart го претстави концептот на моделот со кој ќе зачекори во својот нов живот

Објавено на 8 септември 2021 година

До пред две ипол години Smart беше на смртна постела и Daimler се премислуваше дали да ја згасне марката. Формулата за спас беше најдена кога во неа се создаде место за Geely, кој со опсежна финансиска инфузија си обезбеди 50 отсто од компанијата. Кинезите добија и задолженија – да обезбедат механичка основа и да ги произведуваат идните модели на марката, кои Германците ќе ги осмислат. А тие веќе си го завршија својот дел од работата и на салонот во Минхен го претставија концептот на моделот со кој Smart ќе зачекори во својот нов живот.

Согласно времето во кое живееме тој ќе биде електричен SUV, но освен очекуваната автономија од 500 километри засега нема никакви информации за погонската група. Затоа добро е познато дека идниот модел ќе биде најголемиот Smart направен било кога – долг е 4,3 широк 1,9 и висок 1,7 метри. Визуелно настапува со симпатично лице и меки линии кои чистиот дизајн го ставаат во функција на пријателска допадливост кон купувачите. Внатрешноста засега изгледа малку повеќе натрупана со непотребна шминка, која не ја нарушува пространоста на малиот SUV. Се забележуваат недостатокот на централниот столб и задните врати кои се отвораат спротивно, што сигурно нема да се сретне кај серискиот модел. Непознаници има и за пазарното позиционирање односно цената, но има уште доста време до 2023 година кога ќе се појави на пазарот.