Škoda – Fabia

насловна Новитети

Се најаваува изненадување

Подготовките за комерцијална промоција при крај

објавено 05. март 2021

Škoda пристапи кон лансирањето на новата генерација на Fabia на крајно невообичаен начин – ги претстави прототипите на одбрана група обични луѓе, кои како возачи требаа да кажат што мислат. Заеднички за сите нив беа коментарите за димензиите. Fabia сé повеќе се оддалечува од Volkswagen Polo и се доближува до Golf. Од него се разбира сé уште е далеку, но должината од 4,1 метри и генерално порастот на сите димензии укажуваат на тоа. Најмногу растојанието меѓу оските кое е зголемено за цели десет сантиметри, што е јасен сигнал за колку ќе се подобри пространоста на кабината.

И багажникот ќе биде поголем, а единствено не е зголемена тежината која е задржана на истото ниво. Поголемите габарити кои Fabia ги доби со MQB A0 платформата на дизајнерите им овозможија креирање на пофлуидна каросерија, чиј коефициент на отпор на воздухот е намален од 0,32 на 0,28. Освен дека доби на динамичноста заради сериозната камуфлажа за нејзиниот изглед е прерано да зборуваме, но затоа скоро сé е познато за моторизацијата. Дизели ќе нема, но ќе се врати четирицилиндричнот агрегат исфрлен 2017-тата. Овој пат тој ќе биде на врв на понудата како 1,5 литарски TSi со 150 коњи, додека под него ќе бидат еднолитарските трицилиндрични мотори со и без турбо компресор распослани меѓу 65 и 110 коњски сили. Хибриди барем засега не се споменуваат. Од Škoda за четвртата генерација на Fabia најавија и посериозен пристап во поглед на опременоста, што подразбира дигитален кокпит, девет воздушни перничиња, ЛЕД светла и секако бројни Simple Clever решенија по кои марката е позната. Премиерата на новата Fabia се очекува пролетва, а на нејзината караванска изведба догодина. Нормално, цените ќе пораснат во однос на досегашните 12.000 евра колку што најевтината изведба чини кај нас. Видеото за Škoda Fabia можете да го видите утре во Авто Магазин во 13.30 часот на Телма, во 17.20 на АлсатМ и по 18 часот на Youtube.