Seat Ateca » Дизајнерска и технолошка еволуција

Top News Новитети

Дизајнерска и технолошка еволуција

Seat ја претстави освежената Ateca

Објавено на 16 јуни 2020 година

На средината на својот животен век, Seat ја освежи Ateca. Дизајнот е преуреден со блага комбинација на новото стилско изразување на марката. Основните црти и понатаму зрачат со самодоверба, недвосмислено изразувајќи ја кросоверската сестраност. Прецизниот поглед ќе открие поголема одлучност во изгледот на предниот дел, сега со ЛЕД светла и динамични трепкачи. Слична воздржаност се забележува и назад, каде освен натписот на моделот навидум ништо не е сменето. Емоциите затскриени зад чистите линии ја пренесуваат карактерноста на Ateca и во внатрешноста, каде владее дигиталниот свет. Поврзаноста на секое можно ниво е дополнета со препознавање на глас, а интеракцијата со возилото продолжува и кога ќе се излезе од него. Бројните напредни технологии ќе го направат патувањето побезбедно, а за удобноста ќе се грижат и такви нешта како што се загреваниот управувач и ветробранското стакло премачкано со невидлив атермички слој.

Асортиманот мотори на освежената Ateca вклучува три бензински и две дизел опции. Стартот е со трицилиндричниот еднолитарски TSi со 110 коњски сили, кој сега е за десет отсто поефикасен. Посилниот 1,5 литарски мотор со 150 коњски сили може да се добие со мануелен или DSG менувач, кој пак заедно со погонот на сите тракала е единствен избор на најмоќната дволитарска варијанта со 190 коњи. Дизелите кои сега се дволитарски со 115 и 150 коњски сили нудат подобра избалансираност меѓу динамичноста и економичноста. За некакви хибридни технологии нема ниту збор, барем не на почетокот на продажбата во третиот квартал годинава. Како и досега, Ateca ќе се произведува во погоните на Škoda во Квасини.

клучни зборови: ,