Seat :: Шест електрифицирани модели за две години

Шест електрифицирани модели за две години

Каталонската струја се подготвува за поход на Европа

Објавено на 28 март 2019 година

Seat го објави планот според кој во наредните две години на пазарот ќе лансира шест нови електрични и плаг-ин хибридни модели. Распределени во различни класи, тие треба да бидат претходница за иднината на марката во новото еколошко опкружување. За некои од нив веќе знаеме. На пример сериската верзија на El-Born кој беше прикажан на неодамнешниот салон во Женева. Тој е направен на основа на новата семејна електрична платформа и од него се очекува најмногу. Кратко пред него беше претставен и концептот на градскиот Minimo, со кој Seat навлегува во сосема нови територии. Има должина од 2,5 метри и замислен е како спој на автомобил и мотоцикл. Футуристичките технологии ги предводи 5G поврзаноста, која би можела да му даде автономни способности од 4-то ниво. Може да препознае колку години има возачот и според неговата возраст да ја ограничи максималната брзина. Батеријата која ќе му обезбеди стотина километри возење ќе може да се замени со полна за само неколку минути. Од Seat очекуваат дека за две години овој концепт би бил подготвен за сериско производство.

Некаде тогаш на него треба да му се придружи и електричната верзија на Mii. Во моментов за неа најмалку се знае, заради што и постојат сомненија дека воопшто ќе се појави. Независно од тоа, според плановите наредна треба да биде пласирана новата генерација на Leon која во понудата ќе има и плаг-ин хибридна варијанта. Погонскиот склоп треба да биде истиот како и во SUV-моделот Tarraco. И брендот Cupra ќе има своја улога во електрификацијата на Seat. Тоа во пракса значи дека ќе пристигнат плаг-ин хибридни верзии на Leon и Formentor, кој беше прикажан во Женева.

Сепак сето ова е само почеток, бидејќи Seat под покровителство на VW ќе развие нова платформа помала од сегашната на која се засновани сите модели од Volkswagen I.D. семејството. Таа ќе биде подготвена да ги прими моделите со должина од околу 4 метри, што директно значи дека е во план електричен модел со цена помала од 20.000 евра.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER