Додека Европа калкулира Америка реагира.
Превентивно но остро – царините за увоз на кинески електрични возила се зголемуваат за четири пати, на драстични 102,5 проценти. Таква е одлуката на администрацијата на претседателот Бајден кој патем кажано во ноември го чекаат избори за втор мандат. Иако во моментов во Америка практично ниту една кинеска марка не е присутна на пазарот, ќе бидат засегнати сите возила произведувани во Кина без разлика чиј амблем носат. Претходно пак Американците извршија притисок на Мексико со кој имаат договор за слободна трговија принудувајќи ги да престанат со сите субвенции и бенефиции кои тамошната влада широкоградо ги нудеше на кинеските компании.
Официјално причината за зголемувањето на увозните давачки е нефер трговската пракса на кинеската влада која го подржува растот на тамошните производители на сметка на другите. Сепак сосема е јасно дека зад сето ова стои намерата да се заштити домашната индустрија од евентуална агресија на евтини електрични возила. Истовремено сепак ќе се создадат и нови проблеми бидејќи царините се зголемуваат и за челикот, алуминиумот, полупроводниците, литиум-јонските батерии и компонентите за нив како и за соларните панели.
Критичарите уште предупредуваат дека со ваквите и слични мерки индиректно ќе бидат казнети и домашните компании кои делуваат во Кина. Земајќи ги примерот на Европа тие наведуваат дека половина од сите електрични возила од Кина кои доаѓаат на Стариот континент всушност се произведуваат во компании контролирани од Запад. Како и да е поуката од целата оваа приказна лежи во фактот дека во моментов 36 отсто од кинескиот извоз на електрични автомобили се пласира во Европа, а во Америка само 1,1 отсто. Треба да се знае и дека Кина го царини увозот на возила произведени во Америка со 40 отсто.