Renault Kangoo & Express

насловна Новитети

Еден модел, две имиња, четири деривати

Го знаеме како Kangoo, а отсега и како Express

објавено на 07 мај 2021

Популарниот повеќенаменски модел на Renault отсега ќе настапува во повеќе изведби кои меѓу себе се разликуваат по цената и намената. Првата наречена како и досега Kangoo е повеќе за семејни потреби и подобро стоечки бизниси каде комфорот е поважен од парите. Втората која по ново се вика Express пред сé е за работа и за оние кои бараат поевтини решенија.

Има и уште една битна разлика – Kangoo се произведува во Франција, а Express во Мароко. Сигурно има и други разлики за кои Renault не сака да зборува, но најкратко кажано Kangoo си остана Kangoo а Express дојде како замена за Dacia Dokker. Заедничко им е што и едниот и другиот имаат патничка и доставна верзија.

Изгледот им е сличен но не и целосно ист – разликите јасно се забележуваат. Посебно внатре каде во Kangoo владее автомобилски амбиент, кој во Express е доста поскромен. Kangoo ја има и таканаречената волшебна странична врата која овозможува 1,4 метри широк пристап до внатрешноста. Ќе доаѓа во две должини со зафатнина на товарниот простор од 3,3 до 4,9 кубни метри.

На двата бензинци од 100 и 130 коњски сили и дизелот на располагање во три изведби со 75, 95 и 115 коњи наскоро ќе им се придружи и електричната верзија. За неа е подготвена нова погонска група со електромотор од 102 коњски сили и батерии од 44 киловат-часа. Французите ветуваат автономија од 265 километри, што е сосема доволно за ваков тип возило.

Значаен чекор е направен и во безбедноста за која ќе се грижат 14 стандардни електронски асистенти. Добар дел од сето ова важи и за Express, но не сé. На прв поглед можеби делува збунувачки ваквата сличност на двата модела, но тие сепак добро се раздвоени и купувачите ќе немаат проблем да го изберат она што им треба.