Range Rover, петта генерација (со видео)

Видео насловна Новитети

Луксуз во дигитално издание

објавено на 27 октомври 2021

Со префинетост каква никој друг нема, Range Rover веќе 50 години го обликува светот на луксузните теренски возила. Обединувајќи ги врвниот комфор, маркантната појава и способноста да може да освои секаков терен, тој создаде и со сопствениот пример предводеше една нова класа возила на чиј трон е и ден-денес. На него ќе остане и во оваа петта генерација која во себе ги комбинира технолошката софистицираност и естетската грациозност.

Измените се сериозни иако не изгледа така на прв поглед. Англичаните не сакаа да експериментираат со дизајнот и новиот Range Rover остана верен на својот класичен стил. Нема некои големи визуелни измени, посебно ако се гледа од страна. Предниот дел еволутивно е осовремен со мали и суптилни корекции, но задниот е потполно поинаков со применет минималистички стил и вертикално ориентирани светлосни групи. Внатрешноста според желбите и потребите може да има четири, пет или седум седишта распоредени на две меѓуоскини растојанија. Сите четири врати се електрични со сензори за детектирање на опасности и против пригмечување. Системот за активно поништување на бучавата ги следи звукот на моторот и вибрациите на тркалата кои се пренесуваат во кабината и со помош на 35 звучници создава посебно тивки зони околу патниците. Ова се само пар ставки на списокот достапни технологии од чија должината застанува здивот, така што целосно ќе го прочитаат само оние кои ќе бидат подготвени да платат најмалку 94.400 фунти.

За тие пари ќе добија совршена сталоженост на секој терен и врвна удобност во возењето која ја обезбедуваат подвозјето со интегриран Dynamic Response Pro систем и електронски контролираното воздушно ослонување. Функцијата eHorizon со помош на системот за навигација го подготвува возилото за патот што наидува, а стандардното управување на сите тркала гарантира исклучителна подвижност. Новата MLA-Flex архитектура овозможува користење на широка палета од дури осум погонски склопови, сите електрифицирани. Дизелите се со 250, 300 и 350, а бензинците со 360, 400 и 530 коњи, сите со блага хибридна поддршка и осумстепена автоматика. Тука се и два плаг-ин хибриди со 440 и 510 коњски сили чии батерии обезбедуваат поминување на солидни 100 километри без издувни гасови. За да ја задржи беспрекорната современост во 2024 година колекцијата моторни опции ќе биде дополнета и со електричен модел.