И покрај сé, Jaguar Land Rover не се откажува од своите планови за електрификација
Барем не целосно – следниот Range Rover Evoque ќе биде достапен и како електричен модел. Кога се појави пред 14 години првата генерација од самиот почеток на својата кариера носеше голем товар очекувања. Како најмал и најурбан модел на марката предизвика поделени мислења но и покрај скептицизмот што преовладуваше стана еден од најуспешните нивни модели. И втората генерација претставена 2018-тата продолжи по истиот пат но сепак без темелна модернизација потклекна пред прагот на времето.
Во очекување на наследникот закажан за 2027-мата приказната се повторува – и од него се очекува многу, највеќе затоа што треба да биде електричен и со својата искра повторно да ги распламти страстите а со тоа и да постави добар пазарен темел. Според интерните информации за него е предвидена модуларната платформа од 800 волти на која идната година ќе дебитира Range Rover Velar. Таа ќе му обезбеди исклучително брзо полнење и енергетска ефикасност, а истовремено остави можност и за вградување хибридни погонски склопови. Деталите сé уште се во сферата на шпекулациите но според моменталните случувања на пазарот скоро сигурно е дека ако Land Rover сака со овој модел да остане конкурентен ќе мора сериозно да ги разгледува и тие опции. Постои веројатност и сегашната генерација паралелно да остане на пазарот но тоа би бил ризичен компромис за профитот на компанијата на која во последно време не и оди добро.



