PSA и Fiat Chrysler се спојуваат!
Објавено на 18 декември 2019 година
Место предбожиќна честитка за своите акционери, групата Peugeot Citroen го одобри спојувањето со компанијата FCA. Одборот на директори на француската компанија не само што едногласно одлучи за тоа, туку и најави дека даде зелено светло денеска да биде потпишан обврзувачки договор за комбинирање на двете компании кој предвидува 50/50 спојување на нивните деловни активности со што ќе биде создаден 4-от најголем глобален автомобилски производител по обем и 3-ти по приход. Скоро истовремено се огласија и од Fiat Chrysler, од каде наведоа дека во текот на одвоените состаноци на управните одбори на двете компании заклучиле дека многу работи им се заеднички во размислувањето со што би можеле со здружени сили да тргнат во иднината.
Овие два производитела на автомобили пред месец ипол официјално ги најавија плановите за здружување со цел со заеднички сили да се фатат во костец со големите предизвици во индустријата, вклучувајќи ги и падот на глобалната побарувачка и потребата за развој на скапи технологии пред сé на полето на електрификацијата. Новиот здружен производител чие седиште ќе биде во Холандија ќе има управен одбор од 11 членови, од кои 6 ќе бидат од PSA. Акциите на заедничката компанија ќе бидат листирани на берзите во Париз, Милано и Њујорк. Групата ќе ги поседува марките Peugeot, Citroen, DS, Opel, Vauxhall, Fiat, Jeep, Dodge, Ram, Chrysler, Alfa Romeo и Maserati, но не и Ferrari.


