PSA и Fiat-Chrysler се спојуваат, но ќе настрада ли Opel?

Top News Занимливости

PSA и Fiat-Chrysler се спојуваат, но ќе настрада ли Opel?

Објавено на 20 декември 2019 година

Францускиот PSA и итало-американскиот FCA се согласија да се здружат. Деталите од договорот не се докрај познати, но јасно е дека една од главните причини е поголема ефикасност во работењето. Тоа значи дека новата компанија која ќе биде 4-от најголем глобален автомобилски производител по обем и 3-ти по приход неминовно ќе има вишок капацитети. И тоа не малку – аналитичарите предвидуваат дека искористеноста на производствените капацитети во рамките на новонастанатиот авто-гигант би била ниски 58%. Претходно и двете компании изјавија дека нивното спојување нема да се одрази на погоните на двете групации, но сепак е јасно дека нивните фабрики во Европа ќе бидат под голем притисок. Посебно заради тоа што во моментов глобалниот автомобилски пазар бележи забавување, а со нивното спојување во Европа ќе дојде и до преклопување на понудата. Според прогнозите, најголемиот товар треба да го понесат двете фабрики на Opel/Vauxhall во Велика Британија и погонот на Fiat во Крагуевац. Ранливи ќе бидат и фабриките на Fiat за производство на мотори во Италија и Полска, бидејќи најтешко можат да се справат со исполнувањето на стандардите за емисиите.

Во поглед на тоа, сосема неизвесно е да се предвиди што ќе биде. Opel веќе еднаш се спаси од болните последици предизвикани со интеграцијата во PSA групата, а дали и сега ќе успее тешко е да се каже. Економската логика вели дека Fiat би бил тој што најмногу треба да жртвува, но откако ќе се вмешаат синдикатите и политиката што е неизбежно, епилогот е неможно да се предвиди.

 

клучни зборови: , , , ,