Прво возење – Renault Mégane E-Tech Electric

Share on facebook
Share on google
Share on twitter
Share on linkedin

Оружје за масовно убедување!

Утре повеќе нема да постои „термомеган“, на бензин или на дизел…

Од почетокот на 2022 година ќе биде заменет со 100% електрична верзија, што е првиот конкретен чекор во големата електрификација што ја посакува Renault. Како за преглед во она што ќе ни донесе, можевме да го возиме овој Mégane E-Tech Electric…

Xavier Daffe, Le Moniteur Automobile
Специјално за www.avtomagazin.com.mk
Renault малку избрзано влезе во електрификацијата пред повеќе од 10 години со лансирањето на Zoe. Грешка беше што марката тогаш најави големи електрични амбиции, во склад со ликот на тогашниот шеф, Карлос Гон. Амбиции кои, мора да се каже, не се остварија. Сепак, оваа деценија беше искористена да се научи како најдобро да се примени технологијата и на сцена стапува првиот 100% електричен седан на пазарот од сегментот Ц, Mégane E-Tech Electric. Во меѓувреме, Карлос Гон е заменет со Лука де Мео кој по доаѓањето на чело на Renault го постави патот на својот план „Ренолуција“ со јасна директива: „На струја, сите!“, електрична стратегија чија особеност е да биде сеопфатна. Не станува збор само за производство на ЕВ, туку и за предвидување на целиот животен циклус на овие возила до крајот на нивниот животен век, нивно демонтирање и, пред сè рециклирање. Mégane E-Tech Electric е првиот опиплив знак за оваа промена во стратегијата од доаѓањето на Лука де Мео.

Произведено во Франција

Произведен во Франција, во Дуе, во рамките на новиот индустриски центар ElectriCity посветен на електричните модели димензиониран да произведува до 400.000 возила годишно, Mégane E-Tech Electric се базира на новата платформа посветена на електричните возила на Алијансата, CMF- EV, која, исто така, ќе се користи за Nissan Ariya. Електричната технологија овозможи покомпактен преден волумен  бидејќи моторот зафаќа помалку простор од бензинскиот двигател. Новата основа дозволи да се намалат димензиите а да се добие подобра просторност во однос со актуелниот Mégane со термички мотори. Неговата вкупна должина од 4,21 метри е за 15 cm помалку од досегашните, па електричниот Mégane станува еден од најкомпактните во својата класа.

Citroën ë-C4 е долг 4,35, Nissan Leaf 4,49 и Volkswagen ID.3 4,26 метри, со кого најмногу сака да се споредува. Но, неговото меѓуоскино растојание од 2,70 м е показател за речиси кралско седење на сите седишта, впечаток засилен со отсуството на тунелот за пренос, што остава рамен под за сите патници. Сето ова без да се жртвува багажникот, бидејќи декларира 440 литри, плус 32 под подот за да се сместат каблите за полнење. Оваа прекрасна просторност треба да ѝ се препише на заслуга на батеријата, поставена во подот, помеѓу оските, која е висока само 11 см и зафаќа малку простор. И покрај тоа што неговата батерија сама по себе претставува маса од 395, Mégane тежи „само“ 1.624 кг, што значи дека е полесен од автомобил со плаг-ин хибрид.

 

Ова е една од последиците на изборот на инженерите да ги групираат сите механички елементи (мотор, инвертер, редуктор итн.) во предниот простор и да избегнат да се влечат кабли и цевки до задниот дел, со што се заштедува значителна тежина. Инаку, Renault тврди дека неговата електрична платформа од старт е за 110 килограми полесна од онаа на групацијата Volkswagen. Невозможно е да се потврди, дури и ако изгледа веродостојно со оглед на соодветните конечни маси: Mégane 1.624 наспроти 1.835 килограми за VW ID.3.

Автомобил за живеење

Внатрешноста е особено пространа. Предните седишта и клупата нудат вистинска удобност за седење и добро чувство за простор. Тоа е и затоа што целиот механизам за климатизација, вклучително и топлинската пумпа, се сместени во предниот волумен, со што се ослободува корисен простор позади.

Всушност, патниците имаат многу простор за складирање, дали помеѓу предните седишта или под лизгачкиот средишен потпирач за раце. Севкупно, овој Mégane нуди повеќе од 30 литри простор за складирање во патничкиот простор. Интериерот на електричниот Mégane се одликува со неговата голема дигитална табла во форма на превртена буква „L“, наречена OpenR, групирајќи два екрани од 12,3 и 12 инчи. Во неговиот хоризонтален дел, зад воланот, се појавуваат податоци кои се однесуваат на возењето. На вертикалниот дел пак, во центарот на контролната табла, податоците поврзани со мултимедијата работат на Android Automotive, вистинска екстензија на паметниот телефон што овозможува да се дефинираат личните преференции поврзани со вашите сметки на Google.

Се разбира, тоа е Apple CarPlay компатибилен за iPhone. При употреба, мора да се признае дека целината е добро дизајнирана, релативно ергономска, лесна за разбирање и одговара на секојдневна експлоатација. Фактот што подот е рамен под контролната табла овозможува да се инсталира долга корпа за складирање, што е многу практично. Овде возачот не е изолиран зад неговите инструменти, воланот и заглавен со централната конзола свртена кон него… Тој е во заедница со своите патници, што одговара на атмосферата што Renault посакува да ја долови.

На патот

Возачот има добра положба за возење, седиштето подобро го гушка телото, тоа е удобно и прилагодливо по висина како и управувачкиот столб во голема мера прилагодлив по хоризонтала и вертикала. Малата рачка десно од воланот ја игра улогата на менувачка палка го вклучувам режимот D и тргнувам! Ја возев верзијата со батерија од 60 kWh и вкупна моќност од 220 КС на околу 120 километри долга разновидна рута со тесни кривулести патишта, националните сообраќајници, урбаните центри и автопат.

Првиот впечаток што се појавува е дека сте завиткан во кожурец. Многу добро звучно изолирана, кабината е рај на мирот и тишината, заштитена од сите штетни вибрации. Филтрирањето на суспензијата (обично Ахиловата пета на ЕВ) е веднаш впечатливо при мали нерамнини. Управувањето, исто така, се чини дека е многу директно. И со добра причина: со сооднос 12:1, тој е еден од најдиректните на пазарот. Сепак, и покрај ова брзо управување, електричниот Mégane никогаш не се дестабилизира. Понискиот центар на гравитација за 9 cm во споредба со термичкиот Mégane и неговата задна оска со повеќе точки на спојување предизвикува ефект на микро-управување и му ја даваат посакуваната стабилност. Жив и одговорен, овој Mégane е вистинско задоволство да се вози бидејќи неговата тежина е правилно избалансирана и добро ја притиска задната оска.

Премногу електричари денес се способни само за добро праволиниско забрзување. Ова ја додава трансверзалната компетентност, бидејќи ги поминува сите видови кривини со несомнена леснотија и ефикасност, никогаш не сакајќи да ја помине точката на пристојно однесување. Најзачудувачки е тоа што овие прекрасни возни својства се споени со удобност која никогаш не исчезнува. Во оваа фаза, Mégane E-Tech Electric е оној, од ваков вид, кој ја постигнува најдобрата синтеза помеѓу два априори антагонистички света. Со лопатките на воланот може да се приспособува нивото на регенерација на енергија па лесно се комбинира влегувањето во свиоци со „моторната сопирачка“ со цел малку да се регенерира електрична енергија.

Овие добри сто километри зад воланот на Mégane E-Tech Electric, сè уште во предпродукциска верзија, овозможува да го увидите бенефитот од електриката. Изгледот и функционалноста се смислени во секој детаљ. Погонот е добро димензиониран со батеријата, синергија која дава уживање во возењето што е генерално шармот на производите на Renault. Успешен и доследен, компетентен и удобен на пат, Mégane E-Tech Electric силно погодува од самиот почеток и може да постави нови пресвртници веднаш штом ќе излезе во продажба, во текот на првиот квартал од 2022 година. Цените се непознати. Желбата на француските стратези е да се позиционираат веднаш под тарифите на Volkswagen ID.3. Следната пролет ќе има многу набој во етерот!

 

[su_box title=”40 или 60 kWh?”]Mégane E-Tech Electric пристигнува со избор на две NMC (никел-манган-кобалт) литиум-јонски батерии произведени од корејскиот LG. Густината на енергијата достигнува 600 Wh/l, 20% повеќе отколку во Zoé, благодарение на зголемената употреба на никел и помалку кобалт. Оваа плоча со димензии 1,96 x 1,45 m (11 cm висина) произведува 40 или 60 kWh. Од неа се напојува синхрон електричен мотор со намотан ротор во принцип идентичен со оној на Zoe, но 10% полесен и повеќе моќен. Достапни се две верзии, со 130 КС и 250 Nm или 220 КС и 300 Nm, доволно за да достигнете од мирување до 100 км/ч за 7,4 секунди и максимални 160 км/ч.[/su_box]

 

[su_box title=”Автономија и полнење”]Двете нивоа на моќност имаат вграден полнач од 7 kW, 22 се достапни како опција, но само 220 КС може да прифати еднонасочно полнење од 130 kW, а помалото мора да се задоволи со моќност од 80 kW. Со верзијата од 130 kW, полнењето на брзите терминали може, доколку се биде во ред, да ја врати автономијата на 300 км за 30 минути. Wallbox со моќност од 7,4 kW ќе го наполни максималниот капацитет на батеријата за 8 часа полнење и ќе дозволи автономија од 470 километри. Зборувајќи за опсегот, малата батерија од 40 kWh обезбедува 300 км според WLTP, а батеријата од 60 kWh го носи опсегот до 470 км. Како што можеме да видиме, силата на овој Mégane лежи во неговите бројни капацитети за полнење, домашни и јавни. Од Renault исто така велат дека доброволно го ограничиле максималниот капацитет за полнење на 130 kW врз основа на набљудувањето извлечено од повеќе од 10 години анализи на податоци поврзани со Zoe, дека 50 до 90% од корисниците батериите ги полнат дома или во канцеларија. Треба да се има во предвид дека поголемиот дел од DC мрежата во пракса испорачува само 50 до 100 kW. Вистина е дека сега знаеме дека DC терминал кој гордо прикажува 150 kW, или уште повеќе, ретко ја дава оваа максимална моќност.[/su_box]

Сподели

Последни новости

Најнова епизода

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 92.00ден
  • еуросупер 98 - 94.00ден
  • еуродизел Д5 - 86.00ден
  • течен нафтен гас - 51.00ден
  • метан - 108.50ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER