Прво возење – Peugeot 308

Share on facebook
Share on google
Share on twitter
Share on linkedin

Лавот повторно во лов!

Појавувањето на третата генерација на 308 ќе предизвика молк во саваната.

објавено 27. септември 2021

Најсериозниот француски ривал на германските компакти настапува самоуверено истакнувајќи ги своите аргументи. Скулптуралната форма преточена е во функционална внатрешност исполнета со висока технологија и ревидиран 3D i-Cockpit. Peugeot 308 е опремен со конвенционални мотори и plug-in хибриди, па електрификацијата го најде својот пат во секојдневниот лавовски репертоар. Потполно електрична верзија ќе се појави во 2023 година.

Истовремено се промовираат две каросериски изведби, хечбек и караван. Моделот со пет врати долг 4,36 метри порасна за единаесет сантиметри, додека караванот долг 4,64 метри за шест сантиметри. Порасна и меѓуоскиното растојание и сега изнесува 2,68 метри. Во тек на дводневните возења се соочив со сите верзии во идеално осмислени маршрути исполнети со повеќе од 250 километри  пријатни изненадувања.

На прв поглед

„Впечатливо“ е еден од зборовите што ми доаѓа на ум кога ќе го погледнам новиот Peugeot 308. Особено од напред, каде аголните, тенки фарови се опремени со LED матрикс технологија како и истакнатите дневни светла во форма на очњаци.

 

Маската на ладилникот е рељефна и го носи новиот амблем на марката, додека значката 308 гордо седи на предниот раб на хаубата, како и на другите модели на Peugeot. 308 се растегна за 11 см благодарение на новото меѓуоскиното растојание подолго за 55 мм, со што профитира просторот во кабината.  Сепак, покривот се спушти за 20 мм и тоа може да се почувствува кога седите на задните седишта.

Амбиентот во кабината

Тоа е посебно искуство. Во GT пакетот на опременост комбинацијата на материјалите и опременоста ве носи на следно ниво. Разиграниот простор вешто ја корпорира технологијата надополнета со одлична удобност и ергономија. Простор на предните седишта има во изобилие.

 

Темелно е редизајниран докажаниот тридимензионален i-Сockpit. Како резултат на тоа, некои дисплеи се поместуваат за едно ниво нагоре и се чини дека лебдат слободно. Покрај тоа, картата за навигација може да се прикаже во полн формат во позадина. Ако не ви се допаѓа 3-Д ефектот на инструментите, можете едноставно да го исклучите. Воланот е позициониран традиционално ниско и исто така е многу мал по примерот на останатите модели на куќата. Новиот 10-инчен екран на допир има многу подобрен квалитет, и по изглед и како реагира на командите. Дополнителниот секундарен панел чувствителен на допир е со иста ширина и половина висина и се користи за избор на омилени функции што може да се конфигурираат. Со едноставно кликнување на копчето за почеток можете лесно да се вратите во главното мени, алтернативно можете да го допрете екранот со три прста и да го постигнете истиот ефект. Навистина одлично решение.

 

Иако Peugeot порасна во големина, зголемувањето на внатрешноста е умерено. Нема ништо за што да се пожалите, но во споредба со бујниот простор напред, високите луѓе седат тесно одзади. Тука, пред сé, недостасува простор за колена. Но, затоа е добиен багажен простор кај хечбекот со капацитет помеѓу 412 и 1323 литри односно кај караванот од 548 до 1574 литри.

Ѕвезда во чопорот лавови е плагин хибрид изведбата

Поради сместување на батериите капацитетот на багажникот е намален за околу 50 литри. Тоа лесно се заборава веќе во првите километри зад управувачот.  1,6-литарскиот бензинец во комбинација со електричен мотор работи култивирано и го погонува 308 со леснотија.

Стандардниот осумстепен автоматски менувач брзо ги вклучува преносите балансирајќи со леснотија помеѓу перформансите и економичноста. Благодарение на добрата звучна изолација автомобилот останува исклучително тивок дури и при голема брзина. Понудени се две верзии на моќност, од 180 и 225 коњи. Ја возев Hybrid 180 e-EAT8, како што официјално се нарекува, декларирана дека треба да троши само 1,4 литри бензин во просек според стандардот WLTP. На нашето прво рандеву низ Француските поморски Алпи, со многуте нагорнини и надолнини, на крајот изнесуваше двојно повеќе. Литиум-јонската батеријата од 12,4 kWh ми испорача 57 километри возење со нулта емисија. Ако батеријата е исцрпена, целосното полнење трае добри три и пол часа. Со помоќниот полнач, времето се скратува на нешто помалку од два часа. За возврат се добива темпераментно возење проследено со мала потрошувачка. Затоа и резервоарот за гориво е намален на 45 во однос на моделите со термички мотори во кои собира 55 литри.  Бензинот и дизелот колото го водат. Таков впечаток добив со возењето на верзијата која ми делуваше не соодветно. Три цилиндерскиот 1,2 литрен BlueTech турбо-бензинец впарен со осум степена автоматска трансмисија помалку е претенциозна комбинација.

 

На самиот почеток на рутата првичното мислење почна да ми се менува, за да на крајот добив сосема поинаков впечаток за овој тандем. Осем удобноста во возењето се истакнуваат уште неколку атрибути. При мали брзини лесно ги префрла степените на пренос овозможувајќи линеарни перформанси. Растегливиот мотор со послушност прифаќа забрзување и добро соработува со менувачот. Кога се „гази“ станува по бучен што е сосема нормален нус-производ на сите мотори. Иако е малолитражен дава темпераментен пулс и динамика на движење. На автопат се однесува како да му е природна средина, со леснотија го одржува темпото на потера во рамките на ограничувањата на брзината помеѓу 110 и 130 км/ч.

Рака на срце знае добро да потегне и до 180 км/ч. Кога ги сумирав резултатите бев изненаден не само со возачкото искуство туку и од просечната потрошувачка која беше декларирана на борд компјутерот. 5,7 литри бензин во комбинирани услови е податок за почит. Оние што сакаат уште помала потрошувачка може да ја остварат со 1,5 литрениот Blue HDI. Тој испорачува, исто како и бензинецот, 129 коњи. Култивираниот спој со шест степениот мануелен менувач оформува афирмативна слика за оваа верзија. На кратко кажано, сите погодности што се очекуваат од дизелот се понудени, а тоа се малата потрошувачка (просечни 4.9 литри) и големата еластичност.

Заклучок

Третата генерација на 308 ги враќа во игра од Peugeot очекуваните остварувања. Скулптуралниот дизајн и бои зачинети со извонредно интригантни светлосни групи делуваат магнетски. Во сите модели што ги извозев не регистрирав ниту едно крцкање, триење или штракање. За жал возачката позиција многу тешко ја најдов. Поради поставеноста на воланот и инструментите мора да се направи компромис на кој не знам дали би се навикнал. За да имам целосен преглед на извонредната дигитална инструмент табла морам да седам високо кога воланот ми доаѓа во скут. Дискутабилен е и просторот на задната клупа каде има малку растојание за колениците.

 

Затоа пак на предните седишта место има на претек. Ме изненади балансираноста на возните својства кај сите изведби. Дури многу малку се разликува држењето во свиоци помеѓу хечбек и караванската верзија чие дотерување ги категоризира во агилна сорта, која добро маневрира низ кривините и останува лесна за контрола во секое време. Иако воланот дава лесно чувство управувањето работи директно и прецизно овозможувајќи добра интеракција помеѓу возачот и возилото. Според перформансите на врвот се наметнува плагин хибридот со 7,6 секунди забрзување до 100 км/ч, но и 56-те километри што ги поминав само на електричен погон. Зад новиот знак на маската на ладилникот скриени се радарите и сензорите на електронските асистенти, најавувајќи дека и покрај кризата со чипови Peugeot не се откажува од врвните достигнувања. Едно од нив е и 3D i-Cockpit и инфо-забавниот систем со Focal озвучување. Со нетрпение го очекувам пристигнувањето на нашиот пазар најавено за почетокот на идната година кога ќе бидат познати цените. Од нив ќе зависи дали сите аргументи што ги демонстрира 308 ќе бидат доволни лавот да загосподари со саваната.

 

Сподели

Последни новости

Најнова епизода

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 92.00ден
  • еуросупер 98 - 94.00ден
  • еуродизел Д5 - 86.00ден
  • течен нафтен гас - 51.00ден
  • метан - 108.50ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER