Пристигна првиот автомобил со камери место ретровизори
Купувачите сé уште се скептични дали им треба ваква иновација во автомобилите, но Lexus не
Објавено на 18 септември 2018 година
Иднината веќе пристигна – Lexus ES стана првиот сериски автомобил со камери место ретровизори. Оваа иновација често ја гледаме на концептите, Audi ја најави за новиот e-Tron, но Јапонците први успеаја да ја лансираат на пазарот. Предностите во однос на класичните ретровизори се неспорни. Камерата ќе може да ја покаже сликата зад возилото подобро од нив – од друг агол, осветлена, зумирана или каква и да треба, а обликот на ретровизорите веќе не е дефиниран со просторот за механичките компоненти така што отпорот на воздухот е помал, а со тоа и бучавата што ја создаваат при возење. Во Lexus одлучија сликата да се прикажува на 5-инчни екрани монтирани на предните столбови. Изгледаат малку незграпно заради што во некоја наредна итерација сигурно ќе биде предвиден простор за нив на инструмент таблата.
Оваа опција наречена Digital Side-View Monitors ќе биде достапна со новиот Lexus ES од идниот месец, но само на јапонскиот пазар. Причината е што само таму е одобрена ваква технологија, и тоа уште пред неколку години. Секаде на друго место во светот, па и во Европа, законските прописи бараат возилата да имаат ретровизори.