Премиера Opel – Astra L

насловна Новитети

Грми, сева, прашина ќе крева!

Шестата генерација на Astra е подготвена за новите предизвици

објавено 14. јули 2021

Промовирањето на новата генерација на популарниот компакт ја засени неочекувана промена на врвот на Opel. Досегашниот прв човек во Руселсхајм и авторот на планот за опоравок на компанијата Михаел Лохшелер доби „виза“ да ја напушти менаџерската позиција од први септември.

Успешниот раководител лансирањето на новата Astra ја смета како своја лебедова песна, но како што изјави задоволен е што го остава Opel во добра кондиција, одличен план за електрификација и модели кои се компетитивни со остатокот од понудата на пазарот. На групацијата Stellantis и претстојат многу предизвици а најголемиот е како да им даде на автомобилите направени на исти платформи уникатни карактери? VW тоа го стори добро со своите брендови, но во ново формираната групација ги има дури 14!

Дали шестата генерација на Opel Astra ќе покаже дека дизајнот ќе има клучна улога во оваа прикаска? Првично ќе треба возните својства да покажат дали Astra има други елементи што ќе ја издвојува од своите браќа и сестри, како што е Peugeot 308, но Stellantis заврши добра работа што дозволи да има препознатлив изглед во духот на новиот дизајнерски јазик на Opel. Новата Astra е долга 4,37, широка е 1,86 и висока 1,47 метри поставена на меѓуоскино растојание од 2,68 метри, што ја прави подолга, поширока и пониска од претходната генерација.

Товарниот простор од 422 литри е исто така подарежлив од порано. Најзначајната промена за новиот хечбек од Ц-сегментот е понудата на две плаг-ин хибридни изведби. Исто како и кај другите возила базирани на платформата EMP2, идентично како и новиот Peugeot 308, Astra доаѓа со 1,6-литарски четирицилиндричен турбо-бензинец кој може да понуди 150 или 180 коњи. На тоа е накалемен електричниот мотор од 81 kW кој е ист за обете верзии и ја пренесува силата преку осумстепениот автоматски менувач. Комбинирањето на двата мотори испорачуваат вкупно 180 кај послабата верзија и 225 коњи кај посилната.

Полнењето на пакетот батерии од 12,4 kWh трае околу два часа и нуди возење без емисија на штетни гасови од 50 километри. Освен хибридните верзии, Astra може да има и 1,2-литарски трицилиндерски турбо-бензински мотор или 1,5-литарски четири-цилиндричен турбодизел споен со шестстепен мануелен менувач или осумстепен автоматик. Стајлингот на Astra ја дели истата предна решетка што веќе е видена во Mokka и Grandland. Креативците тоа го нарекуваат новото лице на „молњата“. Благодарение на дизајнот Astra сега изгледа подинамично од нејзината претходничка. Во предниот дел доминираат тенките Intelli-Lux LED светла и предната камера. Технологијата за осветлување е преземена од занменосецот Insignia и користи 168 LED елементи за осветлување на патот. За неколку милисекунди фаровите се прилагодуваат на соодветната сообраќајна состојба и со тоа идеално ја осветлуваат сообраќајницата без да им пречат на возачите што доаѓаат од спротивен смер. И со другите системи за асистенција се посегна во регалот на опременост давајќи ѝ на Astra елементи кои претходно беа резервирани за повисоки сегменти.

Ова го вклучува автоматското прилагодување на брзината кое се ускладува на брзината на движење на возилото што се движи испред и може да сопре до мирување. Вкупно пет камери поддржуваат пет радарски сензори. Камерите и сензорите овозможуваат новиот систем Intellidrive 2.0 да се однесува делумно автономно. Доколку е потребно, системот ја прилагодува брзината во свиоците и овозможува полуавтоматско менување на лентата. Од Opel тврдат дека Astra е исклучително стабилна и удобна. Дури и при поголема брзина во свиоци, компактниот Opel е лесен за контрола, а не само што е динамичен, туку има и добри вредности на удобноста.

Дизајнерскиот јазик „Opel Vizor“ продолжува и во ентериерот. Главната разлика  во внатрешноста, во однос на претходничката, е масивната дигитална инструмент табла која е закривена околу возачот и е резервирана за поскапите изведби, пред сè хибридните. Целосно дигиталниот инфозабавен систем со великодушно димензиониран екран се распределува на неколку дисплеи и може да работи интуитивно.

Во духот на Opel понудени се одличните AGR седишта пресвлечени со кожа или алкантара. Новата Astra ќе биде достапна кај дилерите на почетокот на следната година. По кои цени не е објавено, но едно е сигурно – ѕвездата нема да биде евтина. Дали понатаму ќе има изведба со потполно електричен погон или спортската GSI верзија не се споменува.