Премиера : Mercedes – C-Class

насловна Новитети

Двоец со големи планови

Пристигна петтата генерација на најпродаваниот Mercedes во последната декада

објавено 23. февруари 2021

Кога тоа го прави Mercedes, го прави со стил. Новата генерација на најмалата лимузина со ѕвезда на хаубата е претставена во седан и караван изведба. И двете красат со типичен за марката стил на монументалност зачинет со висока технологија и отмени модни детаљи. Во латиничната азбука буквите ”С” и ”Ѕ” се далеку, но во Мерцедес тие се многу блиску. Иако класно далеку испод луксузниот брат, новата C-Class е опремена со иста електроника, технолошки решенија додека моторизацијата и електричните опции се димензионирани според потребите и амбициите на возачите.

Иако дизајнерски може да се дефинира како еволуција на корпоративниот изглед C-Class испод каросеријата крие вистинска ризница на технологија. Нараснувањата во сите смерови започнуваат од меѓуоскиното растојание кое е продолжено за 25 а, каросеријата за цели 65 мм што ја дава вкупната должина од 4,75 метри. Караванската изведба бележи иста должина но самостоен дизајнерски отисок на задниот дел. Во овие димензии има зголемен комфор во кабината која е опремена според последните трендови. Како и новата S-Class, C-Class е опремена со втората генерација на MBUX. Внатрешноста на возилото станува уште подигитална и поинтелигентна, бидејќи и хардверот и софтверот имаат напредувано. Со брилијантните прикази на LCD-екраните го олеснуваат контролирањето на функциите на возилото и удобноста. Екранот за возачот и дисплејот за медиуми нудат холистичко естетско искуство. Информациите се презентираат на јасно структуриран начин додека изгледот на екраните може да се индивидуализира со три стила на приказ (Дискретен, спортски, класичен) и три режими (Навигација, Помош, Сервис).

За движењето задолжени се два бензинци и уште толку дизели со по две изведби. Понудата започнува со 1,5 литрениот бензинец од 170 и 204 КС, го следи дволитрениот со 258 коњи и финишираат двата дизели со 200 и 265 КС. Сите мотори се спарени со девет степена 9G автоматска трансмисија. Покрај турбо полнењето, и дизел и бензинските мотори сега имаат интегриран стартер-генератор (ISG) за интелигентна помош при мали брзини на моторот како благ хибрид од втората генерација. Ова обезбедува одлична испорака на енергија и можни значителни заштеди на гориво. Веднаш по лансирањето во понудата ќе се вклучат плагин верзиите. Со електрична моќност од 95 kW  и целосно електричен опсег од околу 100 километри ќе ги исполнува потребите на возачите во градски средини и по неколку денови.

Максималниот вртежен момент на електричниот мотор од 440 Nm е на располагање од самиот почеток. Неговите услуги може да се користат до брзина од 140 км/ч и додека има залиха во батеријата од 24,5 kW сочинета од 96 ќелии. Оваа комбинација произведува 265 коњи плус дополнителни 20 на краток рок со EQ Boost системот. Новата суспензија обезбедува основа за високо ниво на комфор, удобност, агилно ракување и забава при возење. C-Class е опционално достапна и со постојано прилагодливо потпирање и спортска суспензија. Воздушната суспензија одзади е стандардна за плагин хибридите во двете каросериски изведби. Новата C-Class е особено агилна и стабилна со опционалното управување на задната оска со агол на управување од 2,5 степени. Со брзина под 60 км/ч, задните тркала се управуваат во спротивна насока од предните, додека на повисока брзина задните тркала се управуваат до 2,5 степени во иста насока како и предните. Ова виртуелно зголемување на меѓуоскиното растојание има забележителни предности во форма на подобрена стабилност при ракување и безбедност при големи брзини, при брзи менувања на лентата или ненадејни заобиколувачки маневри. Што се однесува на опременоста и таа носи новости. Отсега ќе има неколку пакети на опременост од кои ќе зависи цената. Неа ја очекуваме во Македонија во мај кога треба да пристигне во салонот на Мак Ауто Стар. Иако немаме прецизни податоци се очекува почетната цена да биде околу 34.000 евра.