Премиера – Lexus NX

насловна Новитети

Амбициозен и неустрашлив

Кога Lexus NX се појави пред седум години беше најмал модел на марката, а сега најперспективен

објавено 15. јуни 2021

На пазарот главен збор имаат купувачите. Токму поради тоа Lexus му обврнува големо внимание на NX. Посебно во Европа каде тој освојува нешто помалку од една третина од целокупната продажба на Lexus. Тоа беше доволно јапонскиот производител да посвети значајно внимание при подготвувањето на втората генерација на овој кросовер.

Таа пристигнува со мноштво новости, кои на прв поглед и не се баш видливи. Неговиот дизајн во голема мерка делува како фејслифтинг на досегашниот модел, со што е задржана авангардната привлечност. Еволуцијата во изгледот ги опфати маската и светлата, додека целокупниот волумен остана динамичен. Назад светлата се наново комбинирани во широчината на возилото, а логото на марката е заменето со натписот Lexus.

Силуетата го задржа мускулестиот карактер, а целиот изглед на автомобилот делува пософистицирано и позрело. Функционалноста на убавината е изразена во внатрешноста во која едноставноста на дизајнот ја нарушува само големиот екран на инфо-забавниот систем. Под него е задржан само мал број класични копчиња, а инструмент таблата е дигитална. Новиот концепт на архитектурата на кабината донесува чувство на припадност кое се создава со закривеноста на просторот од возачката врата до централната конзола. Искористената платформа на која е поставен и RAV4 му донесе поголеми димензии, но и пониско тежиште.

Со неа пристигна и најголемата новост – првата плаг-ин хибридна погонска група во некое од возилата на Lexus. Замислен да биде референтна точка во сегментот, овој модел располага со батерија од 18 киловат часа која овозможува чисто електрично возење од 63 километри. Вкупната моќност од 306 коњски сили му подаруваат перформанси за почит, а погонот на задните тркала го обезбедува електромоторот. Обичната хибридна верзија сега испорачува 242 коњски сили, со истовремено намалени емисии на јагленород диоксид за околу десет отсто.

За пазарите надвор од Европската Унија Lexus NX ќе биде на располагање со два нови бензински мотори со 199 односно 279 коњски сили, спарени со осумстепена автоматика. Купувачите на кои ќе новиот NX ќе започне да им се испорачува пред крајот на годината ќе мора да се навикнат и на неговите унапредени безбедносни системи. Посебно на електронските рачки на вратите одвнатре кои не дозволуваат тие да се отворат ако одзади се доближува друго возило или велосипедист. При престигнување пак, адаптивниот темпомат сам ќе започне да забрзува пред возачот да ја смени лентата. Во своето известување за јавноста Lexus детално ги опишува и другите карактеристики на редефинираниот NX, но неодговорено останува најважното прашање – колку ќе чини.