Втората генерација на „семејната двојка“ со јасна визија
објавено 02.03.2022
Имиџот на возило наменето за активен животен стил го подржува изборот на погони и опременоста
Кога BMW ја претстави првата генерација на Active Tourer од серијата 2, се соочи со критики од љубителите на марката. Тоа за нив беше автомобил со висок покрив со погон на предните тркала со три и четири цилиндрични мотори, сé она што е спротивно на имиџот на Баварците. Но, моделот успеа да се етаблира, не само затоа што јадрото на марката во меѓувреме јасно се промени, туку и затоа што продажбата е задоволителна. И затоа BMW сега ја претстави новата, втора моделска генерација на серијата 2 Active Tourer во која, повеќе не е достапна во изведбата Gran Tourer со седум седишта. Да се посветиме на фактите.

Однадвор забележлива е значително поголемата решетка со предимензионираните „бубрези“, додека однатре редизајнот вклучува заоблен дисплеј во стилот на BMW iX. Иако не е менувано меѓуоскиното растојание кабината е растегната во сите смерови за некој сантиметар со што се доби поголем комфор и просторност. За лансирањето на пазарот постојат четири варијанти на модели со погон на предните тркала и моќност на моторот од 136 до 218 КС, вклучително и дизел. Најсилниот со ознака 223i е турбо-бензинец чии 204КС имаат лесна електрична поддршка преку 48 волтен умерен хибрид со електро-мотор со 14 kW. Во текот на летните месеци ќе следат два плаг-ин хибриди.
Дизелот започнува паралелно да се продава со дотераниот агрегат од 150 коњи. Каросеријата е проширена давајќи акцент на комодитетот и видливоста. Стандардно BMW серијата 2 Active Tourer има целосни LED фарови меѓу кои е поставена големата маска. Големо внимание е посветено на аеродинамиката па многу детали се во нејзина функција како рачките на вратите кои се рамни со телото, издувните цевки се невидливо интегрирани во задниот браник а целата форма остава монолитен впечаток.
Поголема функционалност во внатрешноста и подобрена удобност при долги патувања е задачата на Серија 2 Active Tourer. Стандардната опрема вклучува контрола на темпото на возење со функција за сопирање и предупредување за пречки пред возилото, чиј опсег на функции сега вклучува и откривање на сообраќај што доаѓа при свртување на лево и пешаци или велосипедисти при свртување на десно. Во листата на стандардна опрема се вбројува „Помошникот за паркирање“ со камера за возење на назад со активна асистенција.



























