Тонирање со амбиции и стил
Ноевата арка за Миланезите треба да биде урбаниот крос-овер Tonale!
Ова е пресуден момент во историјата на миланскиот шармер кој како да е под клетва. Некогашната спортска марка која се сметаше за престижна жареше и палеше насекаде каде да се појавеше, но последните две децении неможе да сe одлепи од проблемите. Со производство од едвај 57.000 возила годишно Alfa Romeo добива уште една шанса да опстане и да се врати на старото место. Тоа ќе го направи со урбан крос-овер по име Tonale, а во него ќе бидат содржани спортските и естетските гени на марката.

Новиот шеф Жан-Филип Импарато јасно стави до знаење дека или обидот ќе биде успешен или сите ќе си бараат нова работа. Затоа побара од групацијата Stellantis да одобри хибриден погон со што шансите на пазарот далеку би се подобриле. Тоа барање му е услишено, па наместо само со термички мотори на помош пристигна умерен 48 волтен и еден плаг-ин хибрид. Така, Tonale станува вториот крос-овер во гамата на Alfa. Неговите димензии; должина 4,53, ширина 1,84, висина 1,60 метри и меѓуоскино растојание 2.636 mm го позиционираат под Strelvio. За изгледот на Alfa Romeo не треба многу да трошиме зборови. Тој е онаков каков се очекува од него да биде. Монолитната контура носи уникатни светлосни потписи што даваат една сосема поинаква перцепција за оваа класа возила.

Иновативните „3+3“ фарови не само што ја дефинираат предницата, туку се грижат за идеално осветлување на патот во сите услови. Интериерот пак е ориентиран кон спортското наследство, фокусиран на возачот и комфорот на патниците. Таквиот пристап е неопходен за да се остварат желбите кои ги надминуваат европските граници и имаат амбиции кон Северна Америка. Прилагодувањето лесно може да го направи со палетата на мотори во која е понуден дизел со 130 КС (со погон на предните тркала и 6-степен автоматик со двојна спојка), како и четирицилиндричен турбо бензинец со 130 КС. Истиот тој произведува 160 КС со асистенција на благата хибридна 48 волтната технологија и ги праќа на предната оска преку 7 степена автоматика.

На некои пазари, и во не голема бројка, ќе биде достапна верзија со турбо-бензинец со 256 КС впарен со 9-степен автоматски менувач и погон на сите тркала. Секако, најголемо внимание привлекува plug-in хибридниот погонски систем за врвната Hybrid Q4 верзија, со 275 КС и погон на сите тркала. Силата ја комбинира од 1,3 литрен MultiAir турбо-бензинец потпомогнат со електрика испорачувана од 15,5 kW батерија. Tonale ќе може да се движи само во електричен режим до 80 километри.

Според плановите изложени на претставувањето, Tonale ќе започне да се продава на европскиот пазар во јуни, додека за Северна Америка не е утврден датумот. За крај да вреди да се издвои дека Alfa Romeo секоја година до 2026 година ќе претставува по еден нов модел, а од 2027 година секој нов модел на Alfa Romeo ќе биде целосно електричен.
















