Porsche Panamera – нова генерација (видео, фото галерија)

Дигитална, луксузна, ефикасна и впечатлива

Во Шангај беше претставена новата генерација на Porsche Panamera

На истото место каде што 2009-тата Panamera ја имаше својата премиера, Porsche ја претстави нејзината трета генерација. Иако на прв поглед не се чини дека многу што е изменето, спортската лимузина донесува револуционерни решенија како на механичко, така и на технолошко ниво. Од дизајнерска страна Panamera доби почисти линии и помускулести предни крила кои се издигнуваат над хаубата на која амблемот на марката може да биде во боја или црно-бел. Лицето го красат и поголемите отвори за воздух, додека на складниот заден дел доминира развлечената светлосна лента. Карактеристичните облини на силуетата се задржани, исто како и пропорциите. Генерално кажано, суптилно но темелно обновениот изглед ѝ дава уште поизразен и поспортски настап.

Промените внатре се поголеми. Тука патниците ќе ги пречекаат не два туку три екрани. Новата дигитална инструмент табла има закривен дисплеј од 12,6 инчи и графика инспирирана од моделите од минатото. Централниот екран на инфо-забавниот систем има 10,9 инчи, а опционално уште еден ист таков може да се нарача и за совозачот. Рачката од менувачот е сместена десно од управувачот, а централна конзола е поширока. Местото за индукциско полнење на мобилни телефони е со ладење, а дел од копчињата останаа физички вклучувајќи го и роторот со кој се бира режимот на возење и вршат подесувања на работата на моторот, менувачот, електронските контроли, управувањето и ослонувањето.

Токму кај него се среќава една од најголемите иновации. Новиот систем е електронски контролиран и овозможува секое тркало независно да реагира на вертикалните сили за автомобилот  да се задржи во хоризонтална состојба при запирање, забрзување и возење низ свиоци. Тоа е постигнато со технологија со два вентила и електро-хидраулична пумпа, со која се одвојуваат компресиската и повратната фаза на амортизерите. Комбинацијата на комфорот со спортското по што Porsche е познат е подигната на ново ниво со помош на управување на задната оска и активниот систем за ослонување кој е опционален кај хибридните варијанти.

А нив сега ги има четири, како одговор на големата побарувачка за овој вид погонски системи. Сите имаат подобри перформанси, поголема ефикасност и подолга автономија, но засега само Panamera Turbo E-Hybrid е подготвена за пазарно лансирање. Срцето на нејзиниот погонски склоп е ревидираниот четирилитарски V8 турбо мотор. Тој заедно со електромоторот кој сместен во куќиштето на осумстепениот менувач со двојна спојка испорачува вкупно 680 коњски сили. Тие ќе ја забрзаат спортската лимузина до сто километри на час за 3,2 секунди, а батериите со капацитет од 26 киловат-часа ќе овозможат поминување на чисто електрични девеесеттина километри. Новиот вграден полнач го крати времето за полнење на 2 часа и 40 минути. Конвенционалната бензинска Panamera има шестцилиндричен турбо мотор со зафатнина од 2,9 литри со 353 коњски сили и ќе доаѓа во изведби со погон само на задните или сите четири тркала. За другите верзии засега нема информации. Во понуда заради слабата продажба ќе ја нема Sport Turismo изведбата, но затоа продолжената Executive верзија ќе остане.

Како и досега, Panamera ќе се произведува во Лајпцих. Продажбата ќе стартува од март идната година со цена во Германија од 107.800 евра за основниот модел и дури 192.500 евра за плаг-ин хибридот.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER