Повеќе сила, подобар менувач
Освежениот Macan кој Porsche го претстави лани сега е достапен во GTS верзија
Објавено на 18 декември 2019 година
Замислен да ја пополни празнината меѓу S и Turbo верзиите, Macan GTS има 2,9 литарски V6 мотор кој произведува 380 KS и 520 Nm. Иако скромно зголемени во однос на претходната изведба, благодарејќи на нив и на наново адаптираниот PDK менувач Macan GTS забрзува до 100 km/h за 4,9 а ако е опремен со Sport Chrono пакетот за 4,7 секунди. И во двата случаи максималната брзина е 261 km/h. Поврзано со на темата на перформансите, Macan GTS може да биде опремен со опционално воздушно ослонување и 20-инчни RS Spyder Design тркала кои ги кријат масивните 360-милиметарски дискови напред и 330-милиметарски назад. Кој смета дека ова не е доволно, ќе може да го нарача со керамички сопирачки со поголеми димензии.
Што се однесува до стајлингот, Macan GTS доаѓа стандардно со Sport Design пакет кој вклучува поагресивен преден дел и спортски прагови од страна. Овој модел исто така има и затемнети светла, црвени сопирачки клешти и спортски издувен систем. За внатрешноста дизајнерите имаат предвидено спортски седишта со кожа и алкантара со осумнасочно прилагодување и нагласени сегменти за придржување на телото. Секако, спортскиот управувач и алуминиумските детали се подразбираат. Асортиманот опции вклучува Bose аудио систем и безжично полнење на телефон, а купувачите ќе бидат задоволни и со загреваното ветробранско стакло, јонизаторот на воздухот во внатрешноста и Park Assist систем со поглед од 360°.
Porsche Macan GTS ќе пристигне во продажните салони со цена од 77.880 евра во Германија.