Изненадување кое не требаше да нé изненади
Porsche си поигра со нас со информациите во врска со иднината на својата дизел-гама, но сега веќе нема дилема за нејзината судбина
Објавено на 7 март 2018 година
Porsche со студијата Mission E Cross Turismo дефинитивно става печат на својата дизел-гама. Пред салонот на автомобилите во Женева имаше спротивставени информации за нејзината иднина, но сега сé е јасно. Овој целосно нов електричен модел не остава место за дилема за правецот во кој германскиот производител ќе ја развива погонската механика. Со своето појавување пријатно нé изненади сите нас, а така ќе биде и со купувачите. Тие за него ќе мора да чекаат барем до 2020-та година, но како награда за трпението ќе добијат модерен и простран 5-метарски кросовер со истакнати автомобилски карактеристики. Внатрешноста отстапува од спортското кон практичното, со импресивна количина технологија во себе. Електричната погонска група која развива 600 коњски сили ги задвижува сите тркала, забрзувајќи го Mission E Cross Turismo до сто километри на час за 3,5 секунди. Од Porsche велат дека автономијата му е 400 километри, како и дека за полнење на батериите се потребни едвај 15 минути.