Три месеци пред официјалната комерцијализација во Порше Центар Скопје беше презентиран Cayenne Turbo Electric
Porsche продолжува со својот марш по електричниот пат. Иако има многу предизвици, од Штутгарт ни пристигна вториот електричен SUV.
Вчера имавме можност во Порше Центар Скопје да се запознаеме со Porsche Cayenne Electric во своето ултра моќно издание Turbo. Патем речено, тоа е најмоќниот сериски Porsche на сите времиња.
Но пред да се посветиме на неговите перформанси треба да споделиме една радосна вест. Порше Македонија веќе 10 години е посветен партнер и негувател на култната спортско-луксузна марка. Во тој период интересот и пласманот на Porsche кај нас перманентно расте и сегашниот изложбен салон станува тесен.
Во своето обраќање управителот на Порше Македонија, Златко Муцунски, најави дека во тек на годинава ќе се започне со изградба на нов објект кој ќе биде македонски дом на оваа престижна марка. Сега да се вратиме на ѕвездата на вечерта.
Се нудат две верзии на Cayenne Electric. Постои стандардна верзија и Cayenne Turbo Electric. Додавањето на „Turbo“ во името кај електричен модел сè уште се чини недолично, арно ама, на Porsche не му е грижа, ниту на неговите клиенти и веќе сме навикнати на тоа бидејќи додавката се користи кај сите три БЕВ на компанијата.
Во најсилниот сериски Porsche, Cayenne Turbo Еlectric, вградени се два електро-мотори што значи дека погонот на сите тркала е стандарден. При нормално возење има 844 КС, но кога ќе влезете во режимот Launch Control, добивате 1.139 КС и 1.500 Nm.
Овие луди бројки пренесени во секојдневие овозможуваат спринтот од 0 до 100 км/ч да трае само 2,4 секунди! Моторите со струја ги снабдува батерија од 113 киловат-часови. Архитектурата од 800 волти овозможува полнење со брзина до 400 kW и на толку силен полнач полнењето од 10 до 80 проценти трае само 16 минути.
Кога го најави електричниот Cayenne, Porsche уште еднаш ја изненади автомобилската јавност. За него е конструиран систем за безжично полнење за чии перформанси и достапност дополнително ќе информираме.
Cayenne Turbo Еlectric има декларирана автономија од 640 километри според WLTP циклусот. Производителот дава гаранција на целото возило, вклучително и батеријата, во траење од осум години или 160.000 поминати километри.
Цената за верзијата Turbo започнува од 190.000 евра, но во игра е и „смирената“ изведба со 402 коњски сили, но во режимот Launch Control се ослободуваат 435 КС.
Неофицијално, нејзината цена започнува од 140.000 евра што е еквивалент на Cayenne со бензински мотор.


