Porsche 911 Turbo » Das Original

Top News Новитети

Das Original

Porsche ја претстави новата генерација на својата легенда

Објавено на 6 март 2020 година

Секој 911 е турбо, но само еден е Porsche 911 Turbo. Всушност два, бидејќи го има како купе и кабриолет. Ќе се појават и други, но засега е само овој што ја има буквата S во ознаката. А таа значи забрзување до 100 километри на час за 2,7 секунди овозможено до 650-те коњски сили. Произведени се од 3,8 литарскиот твинтурбо мотор и ќе го дотераат до максимални 330 километри на час. Какво е чувството притоа ни кажа лично Марк Вебер кој ја одржа виртуелната прес-конференција на откажаниот салон во Женева. Ние и без неговите зборови веруваме во сé што Porsche ќе ни каже за овој модел бидејќи тој е легенда уште од 1975 година кога се појави неговата прва генерација. Во оваа најновата доби нов изглед со браникот со интегрирани ЛЕД дневни светла, проширената каросерија и карактеристичните всисници за воздух. Погледот на задниот крај открива спојлер кој по потреба се подигнува и додава дополнителна доза агресивност. Силата се пренесува на сите трката преку PDK осумстепен менувач, а мануелната опција не се ни разгледува. Адаптивното ослонување ги држи цврсто на подлогата тркалата кои напред се од 20, а назад од 21 инч.

Приказната во внатрешноста е добро позната – пред возачот се наоѓа класичен покажувач на бројот на вртежите, додека сé останато е дигитално. Инфозабавниот систем е со екран чувствителен на допир, а спортските седишта прошиени налик на оригиналот кој го рашири терминот Turbo низ целиот свет. Цената во Германија му стартува од 218 илјади евра за купето и 232 илјади за кабриолетот.

клучни зборови: ,