Porsche 911 Targa » Она вистинското

Top News Новитети

Она вистинското

После купе и кабриолет изведбите, Porsche ја подготви и третата верзија на 911 која според заколнатите ентузијасти на моделот е онаа вистинската

Објавено на 20 мај 2020 година

Поврзувајќи се со легендарното име од кое го влече наследството, новиот 911 Targa го донесува најдоброто од двата света јасно асоцирајќи на легендата од шеесеттите години од минатиот век. На сите нам ни е познато дека тоа значи целосно доживување во возењето без компромиси, потпомогнато со склопување на подвижниот дел од цврстиот покров за што се потребни 19 секунди. Како нагласуваат од Porsche, тој како и кај изворниот Targa се состои од карактеристичен широк обрач, подвижен дел над предните седишта и заоблено задно стакло. Токму ова на 911 Targa му го дава препознатливиот изглед без оглед за која генерација зборуваме.

Ако сепак се концентрираме на најновата, нејзините купувачи ќе имаат на располагање две изведби втемелени на трилитарскиот турбо боксер мотор. Онаа со ознака 911 Targa 4 располага со 385 KS и со опционалниот Sport Chrono пакет забрзува од место за 4,2 секунди до 100 km/h – точно за десеттинка побрзо отколку досега. Верзијата Targa 4S со своите 450 коњи го постигнува истото за 3,6 секунди, што е за дури четири десетинки подобро. Разлики кај максималната брзина скоро и да нема, но тоа и не е битно. Позначајно е што и двете верзии сериски се опремени со осумстепен менувач со две спојки, интелигентен Porsche Traction менаџмент и погон на сите тркала. Кој сака ќе може да добие и мануелна трансмисија, како и посилни сопирачки дискови од композитни материјали. Од покорисните додатоци треба да се спомене и InnoDrive системот кој ги вклучува адаптивниот темпомат и механизмот за подигнување на предниот дел кога се поминува преку лежечки полицајци. Посилниот модел ќе може да се добие и со електронска блокада на задниот диференцијал и со посебен режим за возење во услови на дожд, при кој возилото автоматски се прилагодува на влажната подлога.

Ако сé биде како треба, новите модели на 911 ќе стигнат на пазарот во август годинава, по цена која ќе се движи од 130 и кусур илјади евра па нагоре.

 

клучни зборови: ,