Porsche – 911 GT3 премиера

насловна Новитети

Моќен наследник

Петтата генерација на високо перформансниот  911 GT3 беше развиена во соработка со Porsche Motorsport.

објавено 16. февруари 2021

911 GT3 ја пренесува чистата тркачка технологија во производствен модел со четири литарскиот шестцилиндричен боксер мотор и се базира на погонскиот систем на 911 GT3 R, испробан и тестиран во трки за издржливост. Кога се лансира еден супер спортски автомобил тогаш фокусот секогаш е на перформансите. Тие никогаш не доаѓале во прашање кај Porsche, особено кога се работи за изведба со продолжеток GT3. Нека не ве залажува патната хомологација, ова е вистински ѕвер кој со своето доаѓање постави нов личен брзински рекорд. Задвижуван од четири литрен боксер мотор со 510 коњи забрзува до стотка за 3,4 секунди. Се нуди со шест степен мануелен  или PDK менувач.

Место за докажување на новиот 911 GT3 беше најтешката тркачка патека на Светот, легендарниот Нордшлајфе на Нурбургринг во должина од 20.800 метри. Потребни беа 6:59,927 минути или за 17 секунди побрзо од претходникот! Крупните дизајнерски промени на каросеријата се во функција на зголемената аеродинамика. Тука е големиот спојлер што го зголемува потисокот и поширокото тело, поголемите тркала и дополнителните технички карактеристики. Кај високо перфромансните спортски автомобили смалувањето на тежината е императив. Со тежина од 1.428 килограми повеќе од јасно е дека се употребувани лесни материјали за да се направат подобрувања во однос на претходникот. Тоа е добиено со предната хауба изработена од пластика зајакната со јаглеродни влакна, лесни стаклени прозорци, оптимизирани дискови на сопирачките, дури и акумулаторот е полесен за 10 килограми во однос на претходниот. Лесниот спортски издувен систем има тежина помалку од десет килограми. Со електрично прилагодливи издувни капаци, моторот го хармонизира емотивното звучно искуство со стандардот за емисии Euro 6d.

Можеби прашањето ”колку троши?” за ваков автомобил е вулгарно, но одговорот е смирувачки, дури звучи ”зен”. Комбинираната потрошувачка на изведбата со PDK менувач е скромни 13,3 литри на 100 км. Сепак зборуваме за мотор од 500 коњи кој достига повеќе од 10.000 врт/мин! Иако ова е супер спортски автомобил фокусот е на возачот и чувството во кабината, а тоа е адреналинско. Школкестите седишта покрај нагласените карактеристики на држење на телото се удобни. Севкупното опкружување е изработено од високо квалитетни материјали формирајќи мозаик од традиционалната кожа, модерните јаглеродни влакна, алкантара, квалитетна пластика и дигиталните кластери на инструменти и инфо-забавниот систем. Првиот 911 GT3 беше лансиран во 1999 година. Се засноваше на сериите од моделот 996 и генерираше 360 КС од 3,6 литри зафатнина. Втората генерација на GT3 следеше во 2006 година. Се базираше на 911 Type 997 и дебитираше со 415 КС. Во 2013 година, наследникот првично започна со 3,8 литри и 475 КС. Две години подоцна, работниот простор се зголеми на 4,0 литри, испорачувајќи 500 КС. Сега моторот е засилен на 510 коњи. Ретки се оние кои ќе имаат прилика да уживаат во возењето на 911 GT3, но затоа можете да уживате во првите официјални фотографии.