Топ верзија на Taycan ќе носи ознака Turbo!
Звучи неверојатно, но вистина е – Porsche ќе има „турбо“ електричен автомобил
Објавено на 3 јануари 2019 година
Од навиките тешко се откажуваме и затоа Porsche реши да ја искористи таа човечка особина и топ верзија на Taycan ќе ја означи како Turbo! Се разбира, тој нема да има ниту еден турбо компресор, туку два електромотора од Magneti Marelli со 600 KS кои ќе му обезбедат спринт до стотка за 3,5 секунди. Пакетот 800-волтни батерии ќе биде доволен за околу 500 километри со едно полнење, со тоа што на специјален полнач од 350 kW за само 4 минути ќе се освежат со енергија за наредните 100 километри. Но, според информациите кои ги сподели извесен Американец кој кога сакал да уплати депозит за идниот електричен автомобил на марката, добил одговор дека Taycan ќе биде достапен во три изведби – основната, 4S и Turbo. Иако нема многу смисла, би рекле дека тоа е разбирливо, нели?!
Сепак ако ги оставиме маркетиншките игри настрана, овие ознаки потврдуваат дека Taycan во основната верзија нема да има погон на сите тркала. Цената во САД ќе му се движи меѓу 90 и 130 илјади долари, а во Европа ќе биде нешто поскап. Porsche на потенцијалните купувачи преку Атлантикот им бара депозит од 2.500 долари. Првите испораки се предвидени за крајот на годинава. Porsche планира годишно да произведува околу 20.000 примероци од него, за што ќе бидат ангажирани дополнителни 1.200 работници.