Peugeot – 308 SW

насловна Новитети

Функционален и атрактивен

Традицијата на компактни каравани кај Peugeot се продолжува на најдобар начин

објавено 23. јуни 2021

Впечатливиот изглед на 308 е проширен со новата изведба за која се направени адекватни измени. Хечбекот сега е трансформиран во караван. Барем од првите фотографии се забележува дека тоа е сторено на најдобар можен начин, продолжувајќи ја основната дизајнерска идеја на гамата.

Иако е 28 сантиметри подолг од постариот брат, со вкупна должина од 4,64 метри поставени на 273  сантиметри меѓуоскино растојание, караванот зрачи со динамичен и спортски став. Задниот дел иако продолжен, одлично ги угостува „лавјите канџи“ и декоративните издувни цевки, тандем кој го формира карактерот на задниот дел од возилото.

Продолжената контура овозможува повеќе простор во внатрешноста за патниците, но и поголем товарен дел чија модуларност е овозможена преку деливата задна клупа. Во основа багажникот располага со волумен од 608 литри, а со спуштање на задните седишта капацитетот нараснува на 1.634 литри. Хармоничниот изглед има уште неколку предности.

Растегната каросеријата не само што одава спортски впечаток туку и покажува висок степен на аеродинамика. Отпорот на воздухот е 0,277 што е повеќе од добро за караван! Овој атрибут им помага на моторите да бидат поекономични и по еколошки. На тоа поле се наметнуваат плагин хибридните изведби, две на број, со сила од 180 и 225 коњи. За купувачите што не се подготвени да платат за модерните технологии на избор им се класичните комбинации на два бензински PureTech (110 и 130 коњи) и еден BlueHdi дизел со можност на комбинирање со шест степен мануелен или  осум степен автоматски менувач.

Силниот аргумент на интериерот, покрај просторноста, е опременоста. Топлата и технолошка атмосфера ја дефинира I-Cockpit, кој е распореден на ниво на очите, има 10-инчен дигитален панел кој е основа за 3-D приказ во повисоките верзии на опременост. Кластерот на инструменти е целосно дигитално конфигуриран и прилагодлив. Воланот има сензори кои можат да го детектираат ”гардот“ на возачот на воланот кога се ангажирани новите асистенти за возење. Централниот екран на допир ги има истите десет инчи како I-Cockpit-от.

На тоа се додава конективниот систем чие функционирање ја олеснува работата на возачот заедно со системите за безбедносна асистенција при возењето. Peugeot 308SW на пазарот пристига во септември а кон крајот на годинава ќе биде достапна изведбата со систем за полуавтономно возење. Овој систем ја обединува работата на адаптибилниот темпомат, одржувачот на смерот во лента на движење, полуавтоматско менување на лентата и препорака и прилагодување на брзината во свиоци. Цените  не се познати а кај нас го очекуваме во последниот квартал на 2021.