Втора, врела генерација
Ова е потполно новата втора генерација на компактниот SUV Peugeot 2008
Објавено на 20 јуни 2019 година
И покрај одличните продажни резултати, кога се појави првата генерација на Peugeot 2008 беше млако дочекана на пазарот. Впечатокот беше поправен со нејзиниот редизајн, за сега со втората генерација да нема никакви недоумици. Со силно инспирираниот дизајн од 208, овој мал кросовер веднаш беше опсипан со оценките дека е еден од најубавите на пазарот. Со право, бидејќи гледајќи го делува како посластица, како вистинско освежување на летните горештини кои штотуку започнуваат. На жалост на многумина, новиот 2008 ќе пристигне на пазарот дури кон крајот на годинава. Затоа и Peugeot беше малку скржав со видео информациите и ова што го гледате е сé што Французите објавија за него.
Сепак и тоа е доволно за да сфатиме дека стилската комбинација меѓу 208 и 3008 е мудро и вешто изведена. Исто е и со внатрешноста, во која не се штедело на технологиите. Модерно обработена, во неа се среќаваат i-Cockpit опкружувањето и големиот централен екран со своите прекинувачи како на клавир. Од системите за асистенција возачите најмногу ќе ги израдуваат помошта при паркирање и оној за автоматско запирање што ги препознава пешаците и велосипедистите дење и ноќе при брзини меѓу 5 и 140 километри на час. Во поглед на димензиите новиот 2008 нарасна во сите правци, така што сега е долг 4,3 а широк 1,77 метри. Височината му е задржана на истото ниво, додека меѓуоскиното растојание му е продолжено за 11 сантиметри. Поголем е и багажникот кој сега прима 405 литри, плус оние 29 што се кријат во неговата подница.
Идниот 2008 ќе биде лансиран во три бензински и две дизел верзии. Бензинската понуда е сочинета од 1,2 литарскиот мотор со 100, 130 и 155 коњски сили во комбинација со мануелен или автоматски менувач во зависност од изведбата. Дизелот е 1,5 литарски со 100 и 130 коњи, а погонот на сите тркала не е ниту во опција. Него го заменува Grip-Control системот познат од другите модели на марката, кој го олеснува возењето во потешки услови. Новост е електричната изведба со 130 коњски сили и батерија чиј капацитет дозволува поминување на 310 еколошки километри. Цената на новиот Peugeot 2008 не е објавена, но треба да очекуваме да се движи од 17 илјади евра па нагоре.
Видео