Новиот Opel Grandland носи со себе голем број луксузни карактеристики со кои се искачува во нови височини
Оваа година Opel го зајакнува своето портфолио во сегментот на кросовери. Пред две седмици ја претстави новата Frontera, а сега и новата генерација на Grandland која е значително поголема од нејзиниот претходник.
Сега каросеријата е долга 4,65 метри поставена на меѓуоскино растојание од 2.784 мм. Во споредба со моделот во заминување, новиот е значително поголем. Подолг е за 173 мм, висината е зголемена за два сантиметри, а со нешто над 1,9 метри широчина бележи 164 мм повеќе.
Како резултат на тоа, просторот за багажникот се зголемува за 36 литри, а патниците на задните седишта имаат зголемен простор. Поставен на средната платформа STLA на Stellantis (заеднички со Peugeot 3008), Grandland може да се пофали со разноврсност.
Пред се тоа се однесува на можноста да комбинира погонски склопови. Opel си постави цел до 2028 година да биде производител само на електрични возила. Со претставувањето на Grandland во сегашното портфолио секој модел има електрична изведба. Во електричните верзии, Grandland нуди избор помеѓу батерии од 73 kWh или 98 kWh постигнувајќи импресивна автономија до 700 km.
Користејќи архитектура од 400 V, ќе може да се полни со еднонасочна струја до 160 kW. Иако не е потврдено, сосема е извесно Grandland да има, покрај старната верзија со погон на предните тркала и еден мотор, и изведба со два мотори и пренос на силата на сите тркала. Потврдено е дека ќе има и погон на согорување кој го користи 1,2-литарскиот трицилиндричен мотор и 48 волтен благ хибриден систем. Варијантата со приклучен хибрид која ќе може да помине повеќе од 80 километри на струја е најавена за следната година.
Препознатливиот дизајнерски јазик на Opel кај новиот Grandland кулминира со новото осветлено лого кое го краси предниот дел во стилот Vizor заедно со Intelli-Lux Pixel Matrix HD осветлување. И внатрешноста е полна со надградби. Сега има 16 инчен инфозабавен екран, heads-up дисплеј и пријатна атмосфера која ја креираат новите седишта.
Сега тие може да содржат греење, вентилација па дури и функција за масажа. Новиот Grandland е дизајниран и развиен во Руселсхајм, а ќе се произведува во Ајзенах. Најверојатно продажбата ќе започне оваа есен.