Вака ќе изгледаат идните модели на Opel
Новиот концепт на Opel на нов начин ги претставува трите главни карактеристики на марката која настојува да задржи што повеќе особености
Opel Experimental е концепт кој нуди јасен увид во иднината на марката и правецот во кој ќе се движи дизајнот на возилата следните години. Нема сомнеж дека акцентот е ставен на аеродинамиката, со користење поголеми стаклени површини кои се во согласност со предводничкиот дух и начинот на размислување што преовладува во Риселсхајм. Некои елементи како што се камерите место ретровизори или активните автоматски управувани аеродинамични компоненти сепак ќе останат во концептната сфера. Но и без нив, дизајнот и решенијата пленат. Предната Opel Vizor 4D маска вклучува сензори, лидар, радар и камери, додека дизајнот на тркалата го нагласуваат впечатокот што го оставаат атрактивната силуета и дополнителното надворешно осветлување. Искористена е BEV платформата на Stellantis која обезбедува електричен погон на сите тркала.
Според надворешните димензии концептот припаѓа на компактниот Ц-сегмент, но внатрешноста е споредлива со актуелната понуда од Д-сегментот. Управувачот се преклопува кога нема да се употребува, а лесните прилагодливи седишта имаат лесна но издржлива структура со 3-Д мрежеста ткаенина. Возачот на тенкиот Tech Bridge кој е нова интерпретација на Pure Panel опкружувањето може да ги персонализира информациите според сопствените желби и потреби. Тие се прикажуваат со помош на технологија на проширена проекција која е поддржана со вештачка интелигенција и гласовни команди. Новост е и способноста за реакција на електрониката на возилото, така што на пример со појавување на друго возило во мртвите агли на облогите на соодветната врата и на head-up екранот ќе биде прикажано предупредување за него.
Овој електричен кросовер на Opel својата премиера ќе ја има идниот месец на IAA Mobility салонот во Минхен.




