Храбра одлука на шведската компанија
Volvo се подготвува за најголемата и најамбициозна моделска стратегија во својата досегашна 99-годишна историја – до крајот на деценијава ќе претстави дури 13 потполно нови автомобили. Планот вклучува влегување во нови сегменти и диференцирање на понудата меѓу големите пазари. Така за Европа и САД ќе бидат развиени седум нови модели, а за Кина ќе бидат наменети шест. Како причина се наведува дека разликите меѓу барањата на купувачите во разни региони станале преголеми за да се задржи досегашниот глобален пласман. Деталите не се прецизирани но се очекува најголемите модели да ги добијат Американците, а помалите и оние со средна големина Европјаните. Приказната за Кина е сосема посебна, со акцент на зголемувањето на учеството на заеднички компоненти со моделите на Geely.
Значајно е и тоа што компанијата се откажува од идејата за целосна електрификација на гамата. Секако, меѓу новите 13 модели ќе има електрични но понудата на хибридите ќе се зголемува. Ќе се измени и начинот на продажба со поедноставување на изборот конфигурации со цел побрза испорака на возилата на купувачите. Планот е заокружен со удвојување на пазарното учество и зголемување на оперативната маржа од сегашните 3,5 на 8 отсто.
За остварување на овие амбиции Volvo на чело го донесе Клаус Целмер кој ќе го наследи Хакан Самуелсон на местото генерален директор а ќе ја извршува и позицијата претседател на компанијата. Овој исклучително искусен Германец помина скоро 30 години во групата Volkswagen, најголем дел во Porsche. Сега е на водечката позиција во Škoda а како што се наведува во официјалното соопштение ќе ја презеде шведската компанија не подоцна од 1 октомври идната година,.




