Opel – Astra Sports Tourer

насловна Новитети

SEXY M.F.!!

Караванската изведба секогаш играла важна улога за Astra

Логичен след на нештата доаѓа од Руселсхајм. На сцена стапи караванската каросерија која продолжува со смелиот монолитен дизајн промовиран во септември со Astra хечбек со пет врати. Современата Astra Sports Tourer е вистинско дизајнерско остварување и првиот караван на Opel што ја носи новата смела и елегантна дизајнерска филозофија на брендот.

Таа постига маркантен и остар преден изглед. На предниот дел, во препознатлив стил, се сместени LED предните светла и предната камера. Задниот дел ги има истите вертикално порамнети, високо поставени, стоп светла како кај Astra хечбек, дополнително зајакнувајќи ги семејните врски. Дизајнерската револуција продолжува во внатрешноста. Целосно дигиталниот човек-машина интерфејс Pure Panel (HMI) им нуди на клиентите возбудливо, интуитивно искуство и се одликува со 10 инчна инструмент табла и исто толкав дигитален екран на допир.

Важните поставки како што е контролата за клима уредот сè уште може да се изберат директно преку физичките прекинувачи под централната конзола за полесен пристап. Astra Sports Tourer им обезбедува на возачите и патниците најново поврзување со паметните телефони, со безжичните Apple CarPlay и Android Auto како стандардни во сите модели. Со должина од 4.642 mm, ширина 1.860 mm и висина 1.480 mm и багажен простор од 608 литри, практичната Astra Sports Tourer дополнително ја зајакнува репутацијата на Opel во сегментот на каравани.

Целокупната должина е 60 mm пократка во споредба со претходната генерација на Astra Tourer, но благодарение на 57 mm подолго меѓуоскино растојание во споредба со хечбекот, од 2.732 mm има простор на претек.  Дури и со својата подна литиум-јонска батерија, плаг-ин хибридната верзија нуди волумен од 548 литри. Повеќе од јасно е дека Astra Sports Tourer е направена врз основа на модуларната платформа на РЅА која ја користи и новиот Peugeot 308 SW, па не изненадува податокот дека од самиот почеток на продажбата ќе биде вклучен плаг-ин хибрид со системска моќност од 225 коњи.

Остатокот на понудата го сочинуваат високоефикасните бензински и дизел мотори со распон на сила од 110 до 130 КС. Шест-степениот менувач е стандарден кај бензинските и дизел погонските единици, додека plug-in хибридните верзиите се стандардно со осумстепената автоматика на Opel. Доколку се следи некоја логика, ако воопшто може да се зборува за логика во ова невреме, тогаш  Astra Sports Tourer би требало да ја очекуваме кај нас на пролет.