Opel ќе произведува возила за DS

Top News Занимливости

Opel ќе произведува возила за DS

Германските синдикати можат да бидат задоволни – PSA групата ќе му го довери на Opel производството на нов модел на DS

Објавено на 4 јуни 2020 година

При преземањето на Opel од страна на PSA пред три години, најболното прашање беше што ќе биде со фабриките на марката. Заради нивната неефикасност и вишокот капацитети на групата им се закануваше затворање, што ќе значеше отпуштање на многу вработени. Се вмеша и германската влада, која дури после добиените ветувањата ја даде својата согласност за преземањето. Синдикатите сепак не беа задоволни бидејќи се сомневаа во најлошото. И навистина – еден по еден се гасеа непрофитабилните модели, а нивните замени доаѓаа од фабриките на Французите. Плус на тоа и General Motors започна да ја чисти својата гамата од моделите на што ги произведуваше Opel, кои во Америка се продаваа под ознаките на Buick. Еден од нив е и Insignia, која остана единствен автомобил што излегува од погоните на матичната фабрика во Риселсхајм во која некогаш работеа преку 15 илјади а сега само 2.400 работници. Со капацитет од 180.000 возила годишно, за неа првиот човек на PSA Карлос Таварес на салонот во Франкфурт лани кажа дека во споредба со фабриката во Сошо разликата во трошоците за производство изнесува околу 60 отсто. Со тоа се чинеше дека судбината ѝ е запечатена. Сепак, со помош на солидни инвестиции за кратко време беше подобрена нејзината конкурентност, со акцент на перформансите и квалитетот. Како награда за тоа, групата ќе му го довери на Opel производството на нов модел на DS кој треба да излегува од нејзините погони. Не е објавено за кој автомобил се работи, но не е тешко да се погоди ако се знае дека од идната година таму ќе се произведува новата генерација на Astra. Таа ќе биде поставена на флексибилната EMP2 платформа, која ќе биде електрифицирана. Производството на овие два модела таму ќе значи долгорочно зацврстување на иднината на главната фабрика на Opel, која постои од 1898 година. Тоа пак дава надеж дека постојат шанси да го добие производството и на знаменосецот на групата, моделот DS 9 за кој е замислено во Европа да пристигнува од кинеските погони на групата.

Opel во моментов веќе произведува еден француски модел. Се работи за освојувачот на AutoBest 2018 титулата Citroen C3 Aircross, кој според претходниот договор пред преземањето на марката заедно со Crossland X се произведува во шпанската фабрика на Opel во Сарагоса.

 

клучни зборови: ,