Електрична традиција долга повеќе од пет децении
Е-пионерите на Opel, Corsa-e и Grandland X плаг-ин хибрид, имаат предци на кои можат да се гордеат
Објавено на 4 април 2020 година
Најновите електрифицирани модели на Opel тукушто излегоа на патиштата, но нивните гени датираат длабоко во историјата – марката од Риселсхајм повеќе од пет децении врши истражувања на електричните погонски системи. Уште во 1968 година Kadett B Stir-Lec I го карактеризираше принципот Range Extender кој доста подоцна ќе се сретне кај Ampera. Оваа студија се напојуваше со 14 оловни акумулатори за кои струјата ја произведуваше назад поставен мотор со внатрешно согорување. Три години подоцна внукот на основачот на компанијата Георг фон Опел зад управувачот на Opel Electro GT собори шест светски рекорди за електрични возила. Тој успеа да постигне 188 km/h со овој прототип напојуван од два поврзани електрични мотори кои произведуваа 88 kW и се снабдуваа со енергијата од никел-кадмиум батерии тешки 590 килограми. Овој модел со постојана брзина од 100 km/h можеше да помине 44 километри.
Истражувањата направија чекор напред со програмата Opel Impuls во текот на деведесеттите години. Impuls I од 1991-вата беше возило базирано на Kadett напојувано со еднонасочен електричен мотор од 16 kW користејќи никел-кадмиум батерии со течен електролит. Имаше автономија од околу 80 километри и максимална брзина од 100 km/h. Eдна година подоцна следеше Impuls II заснован на Astra караван. Користеше 32 оловни акумулатори и двофазни асинхрони мотори со вкупно 45 kW. Од 1993 до 1997 година Opel ја реализираше својата прва програма за тестирање на големи електрични возила наречена Impuls III. Беше тестирана флота од десет автомобили на германскиот остров Риген, кои вкупно помина повеќе од 300.000 km. Пет возила беа опремени со никел-кадмиум батерии, а другите пет со користени натриум/никел-хлорид батерии со висока густина. Сите возила имаа трофазен асинхрон мотор, првите од 45 а вторите од 42 kW.
Во меѓувреме во 1992 година беше направен концептниот Opel Twin. Тој имаше трицилиндричен 0,8 литарски бензински мотор кој испорачуваше 34 KS за возење на автопат, додека електричната единица со два мотори со 10 kW се користеше за градско и возење на кратки растојанија. Opel Twin имаше централна позиција напред за возачот и три патнички места во задниот дел. Во 1995 година Opel ја започна електричната мобилност во сегментот на комерцијални возила со концепт Combo Plus, кое имаше две натриум/никел-хлорид батерии кои работат во комбинација со трифазен мотор од 45 kW.
Следеше нов предизвик – во 2000 година развојот на горивните ќелии на Opel излезе на улиците со помош на Zafira HydroGen1. Водородниот погон на овој модел обезбедуваше електрична енергија за трифазниот асинхрон мотор кој даваше 55 kW и 251 Nm. Во 2001 година флота од 20 модели HydroGen3 беше отстапена на клиенти за тестирање. Силата им беше зголемена на 60 kW, доволни за максимална брзина од 160 километри на час. Во маратонот со горивни ќелии во 2004 година две вакви возила минаа речиси 10.000 km низ цела Европа – од Хамерфест во Норвешка до Лисабон во Португалија. Зад управувачот на HydroGen3 возачот на Opel DTM и F1 Хајнц-Харалд Френцен го освои релито Монте Карло во 2005 година за автомобили со алтернативен погон.
Четвртата генерација на возила на горивни ќелии HydroGen4 исто така е целосно без емисија на гасови, при што од издувните цевки само излегува испарување на вода. Резервоарот со горивни ќелии што се состои од 440 клетки поврзани во серија, во кои водородот реагира со кислород од воздухот, е одговорен за возење што е пријателски расположено кон животната средина. Нема согорување, туку електрохемиска реакција која генерира електрична енергија. На овој начин, можно е континуирано производство од 73 kW и најголема силина од 94 kW. Почнувајќи од 2008 година една флота возила HydroGen4 започна да ја демонстрира нејзината соодветност за секојдневна употреба во проект во Берлин спонзориран од федералното министерство за транспорт – партнерство за чиста енергија (CEP), а подоцна и во покраините Хамбург, Баден-Вуртемберг, Северна Рајна-Вестфалија и Хесе.
Во исто време Opel го продолжи и развојот на чисто електрични возила и на IAA 2007 година во Франкфурт го претстави иновативниот Flextreme Concept, кој имаше електричен погон со Voltec продолжен опсег. Концептот Flextreme GT/E, претставен на салонот на автомобилите во Женева во 2010 година илустрираше како овој погонски концепт може да се интегрира и во автомобил со средна големина. Електричниот погон со дополнителен опсег стигна во сериско производство во 2011 година во Opel Ampera, првиот електричен автомобил за четири лица целосно погоден за секојдневна употреба и патување. Енергијата за растојанија помеѓу 40 и 80 километри во зависност од условите на возење ја снабдуваше литиум-јонската батерија од 16 kWh, која го напојува електричниот мотор од 111 kW. Секогаш кога нивото на полнење на батеријата достигнуваше дефиниран минимум, бензинскиот мотор од 86 KS автоматски се вклучуваше како генератор за напојување на електричниот мотор. Овој вид континуирано снабдување со енергија обезбедува безгрижно возење – без станица за полнење и со автономија од неколку стотици километри. Ampera беше пред своето време и во 2012-тата ја освои титулата „Европски автомобил на годината“.
Следеше Opel Ampera-e во 2016/2017 година. Со чист електричен опсег од 423 километри, водечки во сегментот, Ampera-е дебитираше како вистински шампион на салонот на автомобилите во Париз. Бидејќи батериите се монтирани во рамниот под, таа нуди простор за пет патници и багажник со капацитет на модел со пет врати до компактна класа (381 литри). Ampera-e демонстрираше како електричната мобилност и задоволството при возењето можат да формираат една целина, бидејќи максималниот вртежен момент од 360 Nm обезбедува импресивни вредности на забрзување и еластичност, а силата на електричниот мотор од 150 kW забрзување од нула до 50 km/h за 3,2 секунди и средeн спринт од 80 до 120 km/h при престигнување за само 4,5 секунди. Заради сето ова Opel беше награден со меѓународно признатиот „Златен волан“ во малата и компактна класа, а AutoBest жирито ја награди Ampera-e со EcoBest 2016 признанието.
Сега дојде време таа да им го препушти водството низ иднината на новата Corsa-e, кој веќе ја освои AutoBest „Best Buy Car of Europe“ наградата. Според планот на Opel сите модели до 2024 година да будат електрифицирани, подоцна годинава неа и на Grandland X ќе им се придружат целосно електричниот Opel Vivaro и наследникот на електрифицираната Mokka X, додека Combo-e, Zafira Life-e и наследникот на Astra ќе се приклучат на тимот во 2021-вата.











