возевме :: Toyota Land Cruiser 2018

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Одбрана на кралството

Само неколку се автомобили чие име важи за синоним за целата категорија на која припаѓаат. Меѓу теренците некогаш ги имаше повеќе, но со текот на времето еден по еден отидоа на некоја „покомерцијална“ страна. Land Cruiser остана верен на оригиналниот имиџ, а со новата генерација што ја возевме во Намибија уште еднаш го потврди својот статус на крал на сите терени. Три дена, 1.011 km без ниеден метар асфалт, шатори, прашина, вода, камен, кал, беспоштедна борба на машината со природата. Победник? Прочитајте го текстов!
Објавено на 1 март 2018 година
автор: Младен Алвировиќ

„The car that gets you there and brings you back“ – нема подобар опис за авантурата на која бевме. Во превод, Land Cruiser е автомобил кој ќе ве одведе било каде и, што е најважно, ќе ве врати оттаму. Но тоа не е прашање само на способноста да се совлада некоја поединечна препрека. На фотографии тоа го може секој. Ова е прашање на живот – единствено нему ќе му го довериме својот живот во дивината бидејќи и сега, уште еднаш, докажа дека иако е преполн модерни технологии ја нема изгубено способноста да ја поднесе страшната тортура на најсуровите услови. А тие на нашата авантура навистина беа сурови, бидејќи од ден во ден и со леснотија поминавме преку 1.000 km низ негостољубивите предели на Намибија.

Toyota Land Cruiser 2018

Land Cruiser за 65 години постоење стана симбол на класата големи теренци заради спојот на способностите, цврстината и издржливоста

Причината зошто се упативме толку далеку е сериозната модернизација на Land Cruiser, толку сериозна што во Toyota велат дека овој модел официјално е нов. Со други зборови, го бројат како петта генерација. Ако ја погледнеме продажбата промената не им беше потребна бидејќи Land Cruiser и понатаму е на првото место меѓу големите теренци. Го нагласуваме ова „теренци“ а не SUV модели како Q7, X5 и сличните. Само минатата година во Европа досегашниот модел е продаден во скоро два пати повеќе примероци од Discovery и три пати повеќе од Grand Cherokee. Сепак, кога беше претставен во 2009-тата тој донесе толку новости што ни ден-денес, девет години подоцна, нема повеќе од две или три возила кои можат да му парираат во технологиите за теренско возење. Потсетуваме, Toyota прва ја понуди таканаречената Crawl Control автоматска контрола на гаста и сопирачката која сама ја одржува зададената брзина на секоја подлога без оглед на тоа дали автомобилот оди на нагорница или надолница. Прва го примени и KDSS системот кој виртуелно ги „откачува“ анти-рол стабилизаторите неопходни за асфалт, што овозможува драматично поголем ôд на ослонувањето кога тоа е потребно. Да не набројуваме понатаму. Сега сето тоа, во петтата генерација, уште е проширено и дополнително опремено, покрај, секако, изменетиот дизајн.

Toyota Land Cruiser 2018

Toyota Land Cruiser 2018 Петтата генерација на Toyota Land Cruiser не е потполно нова, но не најдовме многу нешта што би сакале да бидат поинакви

Клучна нова работа е задниот Torsen LSD диференцијал со ограничено пролизгување. Досега Land Cruiser можеше да се купи со поевтиниот отворен, или пак со малку застарениот диференцијал кој можете сами да го заклучите по потреба. Така, кога ќе ги блокирате и централниот и задниот диференцијал, знаете дека точно 25% од вртежниот момент оди на секое од задните тркала. Сега се нуди и трета опција – покрај централниот диференцијал со постепено автоматско блокирање, уште еден таков е поставен и назад. Освен што го олеснува животот на терен бидејќи сам се блокира кога треба и колку треба, тој значително придонесува за динамиката на возење на пат. Тој практично цело време е отворен и овозможува слободна ротација на задните тркала при влегување во свиоци. Како се додава гас наместо едно тркало да пролизга, диференцијалот малку по малку се затвора и ве турка од свиокот. Со тоа контролата на целото возило е подобра. Ако за теренците заклучувате на основа на проспектите и она што го пишува по сајтовите, тогаш ќе кажете дека тоа е истото што го имаат и другите. Меѓутоа, во Намибија видовме каде е вистинската разлика.

Toyota Land Cruiser 2018

Toyota Land Cruiser 2018 Како жилет острите камења имаат свои последици

Вториот ден ни беше посебно напорен. Поминавме дури 240 km не видејќи пред себе ништо што потсетува на било каков пат. Вистинска дивина. Покрај тоа, длабокиот песок нé мачеше неколку часа. Возилата со вклучен редуктор и подигнато ослонување го копаа и прекопуваа песокот пробивајќи се низ исушеното речно корито и пустината под планината Брандберг. И токму кога се најдовме на цврста подлога, следната делница нé поведе низ стрмна нагорница. Острите камења секој час го тераа Land Cruiser да лизне наваму или натаму. Повторно часови пробивање. Во такви услови повеќето модерни SUV модели правени понекогаш (или никогаш) да се симнат од патот го спречуваат пролизгувањето на тркалата со активирање на сопирачките симулирајќи затворање на диференцијалот. Тркалото што се врти во празно треба да се забави за повеќе вртежен момент да отиде на другото. Ова е поевтино и наизглед еднакво ефикасно решение, но само за рекламни цели. Ги нема тие сопирачки што нема да изгорат после толку часа борба за секој „грам“ тракција, посебно на врелините низ Намибија. Затоа Land Cruiser е тоа што е. Нема никакви симулации туку само сериозни теренски решенија за сериозни теренски предизвици.

Toyota Land Cruiser 2018

Toyota Land Cruiser 2018 Нова инструмент табла, нов управувач, а нов е и централниот дел на предната конзола на чиј екран се прикажува сликата од теренот преку кој во моментот се поминува

Меѓу сериозните и паметни решенија се наоѓа и предната камера вградена во знакот на Toyota на маската. Оваа камера го снима просторот пред браникот и кај претходната генерација при теренско возење се користеше за прецизно провлекување по камења, исто како и страничните камери под ретровизорите и онаа на задната врата. Новиот Land Cruiser нуди дополнителна опција во која компјутерот ја зема сликата снимена три метра пред возилото, ја обработува и проектира на екранот со изменета перспектива точно во моментот кога тој терен се наоѓа под автомобилот. Практично, имате поглед на подлогата преку која поминувате. Инаку, новиот Land Cruiser доби прилично долга листа такви нови ситници. На пример, дел од опремата за прв пат е и можноста за греење и ладење на седиштата, а конечно и Toyota Safety Sense пакетот безбедносни системи со препознавање на знаците, автоматско сопирање и сé друго што има во него, дури и радар за одржување на отстојанието. Дел од опремата е и системот за следење на возилата во мртвите агли, но и предупредување на возилата при паркирањето наназад. Значи, покрај сé што Land Cruiser веќе е, го доби и она што му овозможува полесно секојдневно користење. Би се кажало дека Toyota се откажува од реченицата „Не сме ние виновни што правиме возила за џунгла, а ги купуваат забари“.

Toyota Land Cruiser 2018

Toyota Land Cruiser 2018 Ова не е асфалт туку морска сол – патиштата во Намибија се прават од малку порамнет песок на кој се прска морска вода слој по слој со што се создава кора од неколку сантиметри

Намибија е огромна земја, два пати поголема од Германија. Каде и да тргнете далеку е, а луѓе среќавате само во населбите кои всушност ги има многу малку – само два становника по квадратен километар во просек. Ако некаде во природата не ве изеде лав или не се изгубите во суровата камена пустина, тогаш ќе ве стигне некој шкорпион. Вистинска патна мрежа скоро да и нема. Во 90 отсто од случаите само се истура песок или камен, малку се израмнува и тоа е тоа. Кога по таков пат се возите со 100-120 km/h, во кабината и понатаму се чувствувате пријатно и удобно, бидејќи тогаш Land Cruiser уште еднаш става до знаење за што е наменет. Во оваа петта генерација тој луксуз е засилен со благ редизајн на кабината, со подобро распоредени команди и нешто нови материјали. Ни се чини дека и активното ослонување е попрецизно подесено па задната оска повеќе не скока и тропа како што досега беше случај. Иако тоа може да биде заслуга и на воведувањето на комплетно новите режими на работа на автомобилот. Ако не го сметаме Terrain Select систем кој се бира во зависност од подлогата по која се вози, за Land Cruiser да може побрзо да ги прилагоди своите системи сега постои и избор за подесување на работата на целото возило при возење на пат, од економично до спортско. Тоа се однесува на сé – од моторот до ослонувањето и изгледа дека работи доста добро.

Toyota Land Cruiser 2018

Toyota Land Cruiser 2018 Land Cruiser е еден од последните автомобили кој нема самоносечка конструкција туку класична шасија

За жал, иако одушевени што со леснотија го преживеавме она што низ прозорецот на Land Cruiser изгледаше драматично, на крајот од возењето не можевме никако да му простиме две работи. Една е мултимедијалниот систем кој делува застарено, бавен е и непрецизен и со недоволно опции. Доволно е да се каже дека екранот е со резолуција од само 800×480 пиксели. Не е тоа суштината на овој автомобил, но ако веќе лансираат нова генерација, го редизајнираат ентериерот и ставаат нови материјали, не гледаме причина мултимедијалниот систем да остане во минатото. Исто е и со основниот дизел мотор. Кога минатиот пат Land Cruiser беше ускладуван со прописите за издувните гасови, Toyota го замени трилитарскиот со агрегат од 2,8 литри и наместо 190 понуди 177 KS. Верувале или не, тоа е моторот кој и новиот Land Cruiser го носи – а нема послаб во целото кралство на теренците. Поголем проблем е тоа што максималниот вртежен момент му е 420 Nm, наместо 500-600 колку денес е вообичаено за трилитарските мотори, достапен во распон од само 1.200 вртежи. Бидејќи Land Cruiser по сé и понатаму е крал на својата класа, јасно е зошто Toyota не влезе во милионски инвестиции за развој на нов мотор. Меѓутоа, ќе мора порано или подоцна да го стори тоа ако сака да го одбрани своето кралство.

Toyota Land Cruiser 2018

Toyota Land Cruiser 2018 На кој му треба професионална машина, тој и понатаму ќе верува на класичната технологија – за хибриден Land Cruiser во Toyota сé уште не се зборува

Е сега, кој победи – Land Cruiser или природата на Намибија? Ако судиме по состојбата на возилата, машината го докажа своето. На петнаесетината возила кои главно не ги возеа професионалци, дури и такви личности кои off-road возењето не го ни познаваат сосема добро и со тоа ризикуваат многу посериозни проблеми, на крајот на авантурата забележавме дека на три возила им се заменети ветробранските стакла, пет имаа по еден продупчен пневматик, а страдаа и пар рамки за табличките некаде при поминувањата низ вода. И тоа е сé.

основни податоци Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D
мотор: 4 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, турбо компресор, 2.755 cm³, 177 KS при 3.400 min-1, 420 Nm при 1.400-2.600 min-1
трансмисија: мануелен или автоматски менувач со 6 степени, погон на сите тркала, пневматици со димензии 265/65 R17
каросерија: теренско возило со 5 врати, 4.840×1.855×1.835 mm, меѓуоскино растојание 2.790 mm, тежина 2.120 kg, максимална тежина 2.990 kg, багажник: 640/1.150 dm³, резервоар 87 литри
перформанси: максимална брзина 175 km/h, забрзување 0-100 km/h за 12,1 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 6,6/8,9/7,4 l/100 km, емисија на CO₂ 194 g/km

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER