Nissan Qashqai – лансирана третата генерација

насловна Новитети

Самоуверен наследник

По три милиони примероци од претходните две генерации

објавено 19. февруари 2021

Во согласност со заложбите на марката до 2024 година половина од возилата продадени во Европа да бидат електрифицирани, најсилната верзија на популарниот кросовер ќе биде опремена со иновативната e-Power погонска група. Веќе е претставена во моноволуменскиот Note за јапонскиот пазар, но за купувачите негово појавување на пазарот ќе се случи идната година. Кога се појави на пазарот во 2007. Qashqai немаше со кого да се спореди. Едноставно не постоеше таков тип на возило. 14 години подоцна класата која ја оснива е преполнета со конкуренти, од луксузните до кинеските. Како што најави лани, Nissan ја лансира третата генерација на Qashqai.

Дека е сосема нова покажува зголеменото меѓуоскино растојание за 20 мм и вкупната должина која нарасна за 35 мм. Каросеријата ја продолжува класичната форма помпезно украсена со силните, во форма на бумеранг, предни светла, зголемената маска и претенциозна употреба на хром. Профилот сега е  повеќе атлетски и подинамичен особено со 20 инчните тркала кои за прв пат се јавуваат кај Qashqai. Надворешноста може да се персонализира преку 16 варијации на бои и пет двобојни комбинации. Големо внимание е посветено на ергономскиот и естетскиот квалитет на интериерот давајќи им на корисниците чувство на доверба и префинетост.

Таму доминира напредниот инфо-забавен систем со конективни услуги со паметни телефони, WiFi во автомобил до седум уреди и NissanConnect Services, посебна апликација со која може да комуницирате и да го следите возилото. На возачот ќе му олеснува иновативен 10,8-инчен Head-Up дисплеј (HUD) на кого се отсликува навигацијата како и информации за патот. Тие се  проектираат на шофершајбната во рамките на видното поле на возачот. Технологијата секогаш била дел од портфолиото на Nissan. Со новиот Qashqai на европските купувачи ќе им се понуди со 1,3 литарски микрохибриден бензински мотор.

Тој ќе доаѓа во две верзии со 140 и 160 коњски сили, со мануелен шестстепен менувач. Посилната изведба ќе може да се добие и со вариоматска трансмисија со погон само на предните или на сите четири тркала X-Tronic. Веќе од следната 2022 година најавена е верзија која ќе комбинира 1,5 литарски турбо мотор кој своите 187 коњски сили ќе ги користи само за производство на струја. Возилото во сите режими на возење ќе биде задвижувано од електромотор од 190 коњски сили кој ќе обезбедува бескомпромисен спој на динамични перформанси, комфорно возење и висока ефикасност.

Qashqai е првиот модел во Европа што ја користи новата платформа CMF-C од алијансата со Renault и Mitsubishi. Исто така, модернизирана е конективноста со напредниот систем за помош на возачот Pro Pilot, кој, меѓу другото, може да го забрза и сопира автомобилот со одредена брзина во рамките на лентата на автопатот. Системот за навигација автоматски ја прилагодува брзината на применливите ограничувања на брзината и автоматски ја намалува брзината на возење пред особено тесните свиоци или излези.