Godzilla GT-R
Nissan GT-R повторно се раѓа како електричен суперспортски автомобил со 1.340 KS
На најмоќен начин што можеше, Nissan потврди дека GT-R ќе има свое место во иднината. И тоа не било кое – линиите со кои шашардисува концептот со ознака Hyper Force го поставуваат на висок пиедестал на кој ќе скокне со дури 1.340 KS моќните електромотори со кои располага. Дека цврсто ќе стои таму покажува и најавата дека ќе биде пионер во употребата на батерии со цврст електролит. Но, бидејќи секогаш има некое но, на овој автомобилски Годзила ќе треба да се чека до 2028 или 2029 година.
Како и сегашниот, така и идниот GT-R виден преку овој концепт ќе ја покаже својата надмоќ со исклучителните перформанси со кои ќе пружи врвно задоволство во возењето. Од Nissan потсетуваат и дека истовремено е и еколошки што се подразбира, но и дека располага со удобност за секојдневна употреба што е излишно да се каже бидејќи никој жив нема да вози вакво чудовиште секој ден – ќе го чува задоволството за преку викенд.
Во неговата срж е електричниот погон со оптимално урамнотежена маса. Напредната форма на Nissan-овата технологија на погон на сите тркала и лесната карбонска каросерија ветуваат фантастични забрзувања и исклучителна управливост на кривулести патчиња и тркачки патеки. Големата сила на аеродинамичен потисок е постигната со двостепена аеродинамична структура под предната хауба, задниот дифузор на две нивоа, преклопот на предните крила, задните крила со единствена активна аерофункција и новоразвиениот плазма актуатор кој го потиснува одвојувањето на воздухот за да се максимизира прилепувањето. За аеродинамиката но и за ладењето на сопирачките помагаат лесните карбонски тркала.
Согласно својот чудовишен карактер, концептот има два режима на возење – тркачки и гран туринг. Во согласност со избраниот режим графичкиот интерфејс во внатрешноста ги менува бојата и приказот, давајќи му ги во секој момент информациите кои најмногу му требаат на возачот во зависност од околностите на возењето. Во тркачкиот режим светлото во кабината создава интуитивен кокпит фокусиран околу возачот за да се задржи неговата концентрација. Панелите на инструмент таблата се протегаат према просторот за седење, а четирите сателитски екрани околу воланот ги прикажуваат тркачките параметри на возилото. Во GT режимот екраните се поместуваат и се комбинираат заедно нудејќи импресивно искуство со поедноставен интерфејс за информации и забава.
Секако, клучна улога во формулата за создавање на ваков суперавтомобил игра безбедноста. Седиштата направени од доста лесни и цврсти материјали се опремени со сигурносни појаси во четири точки. Благодарејќи на напредното автономно возење со хипер-лидар и низата сензори подесени за спортски пориви, возилото е подготвено да обезбеди високо ниво на безбедност како на јавните патишта така и на тркачките патеки. Привлечноста на Nissan Hyper Force иновативно ја зголемува и проширената реалност која овозможува беспрекорно преплетување на вистинското со виртуелното. Кога возилото е запрено возачот може да користи специјална кацига со визири со која продолжува виртуелно да вози, во гејмерски стил.
Најкратко кажано, овој хипер автомобил сé уште се наоѓа длабоко во футуристичката иднина, но дефинитивно дел, ако не и сите технологии од него ќе го пробиваат патот до реалноста. Дали навистина сите заедно ќе се вплетат во наследникот на GT-R или пак ќе доживееме нешто поинакво, ќе мора да чекаме подолго време за да дознаеме. Но како и да е, чекањето ќе се исплати.