Кинескиот луксузен седан ќе ги предизвика докажаните премиум лимузини
Својата премиум ориентација Nio ја потврдува со најавениот ЕТ9 кој ќе биде најлуксузниот модел на марката. Тој е позициониран во друштвото на BMW i7, Mercedes-Benz EQS и Tesla Model S но, кога ќе дојде на пазарот во 2025 година, ќе донесе нова архитектура од 900V и ќе има речиси 700 КС.
Како што најавуваат од таборот на Nio, ЕТ9 ќе се појави на кинескиот пазар следната година, а првичните испораки се очекуваат на почетокот на 2025 година. Од дизајнерска гледна точка предизвикани се традиционалните разлики помеѓу купе-кросовери и седани. Ова е видливо не само во неговиот изглед, туку и во неговото изненадувачки високо растојание од земјата за луксузен седан.
Линијата на покривот е во купе стил, задржувајќи ги дизајнерските елементи препознатливи за Nio. Тука спаѓаат остриот преден дел со тенки фарови и заден дел кој се чини дека е во голем дел инспириран од Jaguar F-Type и Porsche Taycan. Сепак на каросеријата ѝ недостига атлетски изглед. Наместо тоа, тој се стреми да наликува на растегната верзија на купе кросоверот EC6.
Во однос на димензиите, ET9 е долг 5.324 мм, широк е 2.016 мм и има 1.620 мм висина, поставени на меѓуоскино растојание од 3,25 метри. Овие податоци откриваат дека кинеската луксузна електрична лимузина го надминува Mercedes EQS во сите смерови по неколку сантиметри. Други карактеристики на надворешниот изглед се скриените рачки на вратите, активен заден спојлер што се повлекува и 23-инчни тркала со повеќе краци со пловечки дизајн на логото што останува исправено додека автомобилот е во движење.
Засега целосно не се открива дизајнот на инструмент таблата, но затоа се споделени раскошните детали на задниот патнички простор. Очигледно е дека приоритетите на компанијата се насочени кон разгалување на оние што ќе престојуваат на задниот ред. Седиштата се првокласни, нудат агол за прилагодување на наслонот до 45 степени, нивната ширина е достојна на фотеља (582 мм) и се прилагодуваат на 11 точки преку еден прекинувач.
Дискрецијата на патниците да биде на највисоко ниво поставени се седум електрични завеси кои се активираат со притискање на едно копче. Меѓу другите погодности се 8-инчен екран во стил на таблет, поставен помеѓу седиштата, интегриран фрижидер и два AMOLED екрани од 14,5 инчи поставени на задниот дел од предните седишта. Наместо традиционална табла со инструменти, ET9 се потпира на систем за „head-up дисплеј“ и 15,6-инчен AMOLED екран во стил на таблет на централната конзола.
Nio наговести волан што се повлекува кога е вклучена функцијата паметен пилот. Силна страна на ЕТ9 ќе бидат напредните технологии. Тој е опремен со три lidar сензори, вклучувајќи еден во центарот и две камери со висока дефиниција на предниот раб на покривот. Дополнително, има дигитални ретровизори. Новиот знаменосец е поставен на платформата од третата генерација на Nio со архитектура од 900V што е прва од овој вид во Кина, која работи на највисок напон од 925V.
Ова овозможува брзо полнење со максимална моќност од 600 kW. Според Nio, ова го олеснува ултра брзото полнење на батеријата од 120 kWh, која е сочинета од 46.105 ќелии и би требало да обезбеди автономија од 1.000 километри. Вистинска придобивка е можноста за само пет минути полнење да се акумулира струја доволна за возење 255 километри. Како и кај другите производи на Nio, ET9 поддржува целосно менување на батеријата за само три минути.
ET9 е опремен со Sky Ride, интелигентниот систем на подвозје на Nio, кој вклучува управување на задните тркала со максимален агол од 8,3 степени. Исто така, има целосно активен систем на суспензија каде секој амортизер е независно контролиран со наменска хидраулична пумпа и која според Nio е понапредна од онаа што ја користи новата трета генерација на Porsche Panamera.
За движењето задолжени се два електрични мотори. На предната оска е асинхрон мотор кој произведува 180 kW и синхрон мотор со постојан магнет на задната оска кој генерира 340 kW. Заедно, тие испорачуваат комбинирана моќност од 520 kW или 697 КС. Иако Nio сé уште не ги откри плановите за достапноста на ET9 на другите пазари, тој во моментов е отворен за преднарачки во Кина, со испораки закажани за првиот квартал на 2025 година по цена од околу 104.000 евра.