Нова недела, нов кинески модел на европскиот пазар
На ред за лансирање дојде и интересниот Nio EL8 со кој перспективната компанија директно ќе го напаѓа BMW iX. Складно дизајнираниот кросовер доаѓа со две пакувања батерии кои му овозможуваат автономија од 390 односно 510 километри и два електромотора со вкупно 653 коњски сили.
Има алуминиумска структура на каросеријата и шест седишта, а внатрешноста е изработена од еколошки прифатливи материјали вклучувајќи ја и пената во седиштата добиена од соја.
Изобилува со високи технологии меѓу кои лидар, 33 интегрирани камери и сензори и 16,3 инчен head-up дисплеј. Овој модел кој во Кина се продава под ознаката ES8 во Германија ќе чини 83 илјади евра, без батерии.
За нив ќе треба да се доплатат 12 или 21 илјада евра во зависност од големината, а можат и да се изнајмат за 170 односно 290 евра месечно. Моделот ќе биде достапен уште во Данска, Норвешка, Шведска и Холандија.



