Убав и брутален
Поранешниот шеф на дизајнот на Koenigsegg и Bugatti Саша Селипанов одлучи да стартува со сопствен хиперавтомобил кој го нарече Nilu27. За неговата креација може да се каже дека истовремено е и убава и брутална. Убава затоа што човекот очигледно знае што работи, додека бруталноста се крие зад секоја негова бројка.
Монокок структурата од јагленородни влакна е дополнета со сет цевкасти подрамки од алуминиумска легура, а компонентите на задното ослонување се изложени секој да може да ги види. Спојлерот е свиткан над трите издувни цевки, а под тоа се наоѓа застрашувачки дифузор со светло за магла на средина во F1 стил. Вратите се отворат нанагоре, пневматиците се од 20 и 21 инч а сопирачките Brembo карбон-керамички.
На тркалезниот управувач нема копчиња, а единствениот екран во целосно аналогната внатрешност е интегриран во ретровизорот за да се подобри прегледноста назад. Седиштата се фиксни, додека педалите, наслонот за глава и ретровизорите се подесуваат. Nilu27 го задвижува 6,5 литарски атмосферски V12 мотор со 1.070 KS, спарен со седумстепен мануелен менувач. Брзината му е лимитирана на 400 km/h, а забрзувањето, како наведуваат од компанијата, зависи од возачот.
Производството ќе биде ограничено на 15 примероци од Lauch Edition серијата и уште 54 хомологирани за сообраќај.