Mitsubishi под истрага во Германија
Обвинителството во Франкфурт го товари јапонскиот производител за долгогодишно манипулирање со емисиите во издувните гасови
Објавено на 26 јануари 2020 година
Откако едвај се спаси од пропаст пред неколку кога беше обвинет за лажирање на потрошувачката на гориво кај некои модели за домашниот пазар, Mitsubishi сега повторно се соочува со сериозни проблеми. Имено, истражителите на германското обвинителство покренаа истрага за манипулирање со емисиите во издувните гасови во возилата на јапонската марка. Опфатени се 1,6 и 2,2 литарските еуро 5 и еуро 6 дизели од 2012-тата наваму кои наводно имале недозволен уред со кој тие при тестирањата покажуваат помали количини на штетните азотни оксиди. Со цел собирање докази заедно со криминалната полиција направена е рација на десет локации, меѓу кои истражувачкиот и развоен центар на марката. Опфатени се и високи службеници на германскиот дистрибутер на Mitsubishi, како и две компании кои испорачувале компоненти. За сериозноста на постапката кажува и тоа што сите сопственици на посочените возила се повикани да ја контактираат полицијата како сведоци, но и за да поднесат кривична пријава против Mitsubishi доколку тоа го сакаат. Според германското обвинителство, во овој момент не може да се предвиди колку ќе трае истрагата или пак колкави казни можат да се очекуваат.
Mitsubishi од проблемите во 2016 година се извлече припојувајќи се кон алијансата Renault-Nissan, но таа сега си има свои маки и тешко дека ќе може да му помогне.


