Уредување по потреба
Амбиент и функционалност
објавено 01. декември 2020
Дотерувањето на интериерот по сопствен вкус е резервирано само за луксузните лимузини. Така и ќе остане. Од сега и купувачите на разумно скапите автомобили ќе можат да имаат слична привилегија. Mini Vision Urbanaut е студија направена по обратен редослед, од внатре кон надвор. Во фокусот на вниманието е внатрешноста и просторноста со ограничување да останат на постоечкото подвозје што го користат сите модели на Mini. Визијата предвидува три основни идеи за употреба на времето поминато во возилото. Chill е замислен да пружи релаксација и удобно катче за работа додека се патува, Wanderlust е задолжен за автоматизирано и автономно возење додека Vibe го става во прв план времето поминато помеѓу луѓето.
Внатрешниот дизајн има креативна апликација во просторот преку иновативниот концепт добиен со употреба на новата електрична платформа. Сите овие идеи се првично дигитално изработени, а потоа систематски оптимизирани. Каросеријата на Vision Urbanaut е необично висока за Mini, но на 4,46 метри должина овозможува внатрешен простор кој може да се дотера на различни начини според различни потреби. Во основа кабината е осмислена како мултифункционален четирисед лесен за трансформирање. Така сопатничкото седиште се ротира за 180 степени, а задните седишта може да се претворат во ”Г” гарнитура и така оформуваат удобно катче за престој и патување. Интериерот е изработен од одржливи и лесно обновливи материјали како одговорно однесување кон природата. Поради тоа намален е бројот на компонентите на надворешноста и внатрешноста. Употребата на рециклирани материјали ги замени хромот и кожата рационализирајќи го пристапот во дизајнот. Доминантен материјал е текстилот чии својства и обработка пружаат чувство на удобност и топлина. Новост е што ќе има можност за вистинска персонализација на интериерот во рамките на понудените три стилови. Надворешниот дизајн дава предлог за задржување на духот на Mini но во поинаква форма. Не мора да значи дека оваа студија ќе се појави како финален производ, но повеќе од сигурно е дека елементите од Vision Urbanaut ќе се најдат во идните модели од Оксфорд.



