Нешто што не сме очекувале
Мерцедес одлучи да нé потсети на она што некогаш го знаеше многу добро – да прави автомобили со авторитет. Еден таков е и најновиот нивни концепт Vision Iconic кој официјално не најавува некој сериски модел туку праќа порака дека марката го враќа својот идентитет преку дизајнот кој ги спојува минатото и иднината.
Прво што се воочува е огромната осветлена маска која остава театрален впечаток. Инспирацијата ја влече од некогашните големи модели на Mercedes и има улога да симболизира моќ и престиж. И навистина е така – обидете се без неа да го замислите овој автомобил со монументални димензии. Не оди, иако линиите се чисти, полни самодоверба. Во профил наликува на модерна интерпретација на легендарниот 300 SL, со носталгична доза на дизајнот кој владееше во ’30-тите години посебно кај луксузните автомобили омилени во џет-сет светот. Предните светла во облик на ѕвезда го прават изгледот на автомобилот емотивен и препознатлив.
Внатрешност ги спојува луксузот од минатото и технологиите од иднината. Таква е и целата површина на каросеријата која е обложена со специјална соларна боја способна за генерирање електрична струја – од Mercedes велат доволно за поминување и до 1.000 километри месечно. Компјутерите кои го контролираат возилото се неуроморфни – инспирирани од структурата и функцијата на човечките мозочни ќелии и ќе обезбедат автономно возење од 4-то ниво.




