Mercedes EQA – Премиера

Електричен атлета во компактно пакување

Најмал по димензии, голем по содржина

објавено 21. јануари 2021

Новиот модел во електричниот свет на Mercedes е наречен EQA. Динамичниот дизајн на крос-оверската каросерија е индикатор на задоволството што го ветува најмалиот член семејството EQ возила. Претставена е верзијата EQA 250 која располага со 140 kW (190 КС) и дострел од 486 километри според NEDC циклусот на возење. Подоцна ќе се придружи уште помоќна изведба со погон на сите тркала и мотор силен 200 kW, склоп кој благодарение на помоќниот батериски состав декларира преку 500 километри автономија. Една од најважните ставки што одат во прилог на електричните возила се услугите што ги добиваат купувачите.

Веќе од почетокот на продажбата на располагање се 450.000 точки за полнење со класични и брзи полначи распоредени ни 31 европска земја. Mercedes me Charge овозможува едноставно користење на полначите иако припаѓаат на различни компании за снабдување со струја. Со самото регистрирање во системот корисникот има интегрирана функција на плаќање и едноставен процес на издавање сметка. Згора на тоа батериите ќе може да се полнат на уште 175.000 јавни станици низ Европа. Детален преглед на мапираните точки се добива преку инфо-забавниот систем вмрежен со останатите електронски помагала. Користењето на менито е поедноставено, па возачот лесно и без одземање на вниманието може да ги пронајде саканите функции. Нему му помагаат последната генерација системи за активна и пасивна безбедност па времето поминато во кабината на EQA ќе биде релаксирано. Во голема мерка тоа се должи на пријатната атмосфера обезбедена преку типичниот за Mercedes амбиент во кого се одвива интересна игра на едноставноста и технологијата. Иако е најмал во гамата EQA по потреба може да превезе пет патници со доволен простор во кабината.

Нејзината форма е подредена на аеродинамиката чиј коефициент од 0,28 придонесува на зголемувањето на дострелот. Возачот го подржува мала армија на електронски асистенти задолжени за највисокото ниво на активна и пасивна заштита на патниците во урбан сообраќај и на автопат. Како основа на  EQA е позајмена робусната структура на GLA со задолжителни измени неопходни да се задоволат конструкторските потреби на електричен автомобил. Така, батеријата е опколена со специјално развиена рамка која го подржува структуралниот интегритет во секакви сценарија. Високото ниво на безбедност се сели во внатрешноста каде патниците ги штитат, покрај структурата на кабината, девет воздушни перничиња кои може да ги координира опционалниот PRE-SAFE систем задолжен за надзор на уште неколку системи за пасивна заштита. Стандардната спецификација на EQA вклучува LED светла со адаптибилен долг сноп, EASY-PACK електрично отворање и затворање на багажникот, 18 инчни тркала, амбиентално осветлување во 64 бои, луксузни седишта, задна камера, мулти функционален кожен управувач и интуитивниот инфо-забавен систем MBUX (Mercedes-Benz User Experience) со навигација. Новиот EQA може да се персонализира со две линии на дизајн и опременост, Electric Art and AMG Line, како и со Night Package. Цената за почетниот модел во Германија е 47.540 евра, а по одбивањето на еколошкиот бонус понуден од Германските Федерални власти од 6.000 евра и бонусот што го одобрува Mercedes во висина од 3.000 евра германските купувачи реално ќе платат 9.000 евра помалку или 39.950 евра.

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER