Mercedes CLA доаѓа 2024 година како електричен и бензинец (фото, видео)

Намигнувајќи на посакуваната иднина

Нова модуларна платформа, неверојатен дизајн и суперефикасен електричен погон

Велат 2025-тата ќе биде преломна година за електричните возила, но нам ни е тешко да поверуваме. Во тоа не верува докрај ни Mercedes кој има доста широка понуда на електрични модели, бидејќи идниот CLA чиј концепт е претставен во Минхен ќе ги задржи и бензинските мотори. Тој сепак претставува преломна точка во филозофијата на германскиот производител. Концептот колку и да изгледа футуристички не е стилска вежба или лабораторија на тркала, туку своите содржини ќе ги изнесе на патиштата веќе идната 2024 година.

Со иновативен и смел дизајн кој никого не остава рамнодушен, CLA и понатаму ја има познатата купе со четири врати форма што му е карактеристика уште од неговото пристигнување во 2014 година. Дизајнерите сепак го изменија основниот изглед со подолга хауба и пократок заден дел за поелегантни пропорции и сето тоа го збогатија со многу ЛЕД елементи за да го пренесат чувството на дигитализацијата. Напред големата и ниско спуштена решетка со осветлено лого и светлосната лента што како веѓи се надвиснува над светлата во кои е имплементиран трикрак мотив на ѕвездата на Mercedes сигурно ќе предизвикаат доста дискусии. Во сличен стил е и задниот дел, а елегантната силуета која со карактеристичната линија што се губи дава огромна доза динамизам.

Во внатрешноста се забележува дека CLA има позајмено многу од Vision EQXX, вклучувајќи ги и одржливите и експериментални материјали и високотехнолошката содржина. Екрани има насекаде, до толку што не ни можат да се избројат колку се. Обрабени со линии во ретро стил погледот сепак се задржува јасен. Амбиенталното осветлување на сребрено-белите седишта и употребената виолетова ткаенина даваат скоро вселенски изглед. Инфозабавниот систем е управуван од новиот оперативен систем од сопствен развој. Меѓу различните карактеристики што ги нуди хардверот и софтверот е и вештачката интелигенција со функции за машинско учење.

Техничките спецификации на CLA сè уште се недефинирани, но Mercedes сепак даде неколку индикации за електричниот погон. Не се споменуваат бензинските мотори но платформата на која е поставен е развиена да може да ги прими. Ќе бидат понудени два различни типа на батерии –  основните верзии ќе бидат со литиум-јон-фосфат, додека пофункционална и поскапа алтернатива ќе претставува новата технологија со аноди од силициум оксид за поголема густина на енергија. Така CLA ќе може да достигне 750 километри автономија со едно полнење, додека просечната потрошувачка изнесува 12 kWh/100 km. За ваква ефикасност направени се долга серија оптимизации.  Електричната архитектура од 800 волти обезбедува можност за брзо полнење со еднонасочна струја од 250 kW, што значи дека за 400 километри ќе бидат потребни 15 минути. Електромоторот е  компактен и тежи едвај малку над сто килограми и инсталиран на задната оска интегриран со двостепен менувач испорачува 238 KS. Платформата дозволува и втор мотор на предната оска, така што CLA сигурно ќе доаѓа и со погон на сите тркала. Оваа механика ќе биде употребена за серија нови модели, вклучувајќи и shooting brake и два кросовера.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER