Mercedes-Benz : T-Modell All Terrain

насловна Новитети

Сака груба игра.

Најновиот дериват од Штутгарт подготвен за премиера

објавено 20. август 2021

Веќе виртуелно е претставен, но T-Modell All Terrain ќе се соочи со публиката во Минхен и тогаш ќе може да се предвиди колку ќе биде интересен на пазарот. Од таборот на Mercedes-Benz планираат да започнат со продажба во последниот квартал на годинава по цена над 50.000 евра.

Во основа, целосно е превземена каросеријата на караванската Ц-класа, за оваа пригода крената дополнителни четири сантиметри повисоко од тлото, погон на сите тркала 4-Matic и две програми за возење надвор од патот, вклучително и помош за спуштање по рид. Поставен е на 17 инчни тркала кои може да се заменат со 19 инчни па караванот може да се справи со лесен терен. Специфичните елементи на дизајнот вклучуваат независна маска на ладилникот, ексклузивни браници, заштита на предната и задната страна, панели на лакот на тркалата и страничните прагови во мат темно сива боја. T-Model All Terrain се базира на нивото на опрема Avantgarde.

Теренската верзија на Ц-класа се нуди со еден бензински и еден дизел мотор, кои имаат блага хибридна технологија со стартер генератор силен 15 kW. Бензинскиот мотор од 1,5 литри развива 204 КС и испорачува до 300 Nm вртежен момент. Дизел моторот има зафатнина од два литра, има моќност од 200 КС и 440 Nm. Во двата случаи, интегрираниот стартер генератор обезбедува дополнителни 200 Nm за кратко време како засилувачка функција што може да биде од големо значење вон асфалтот. C-Class All-Terrain ќе ја има својата светска премиера во септември на IAA Mobility во Минхен.