Глас на разумот или промашени деловни очекувања?
Што и да е, реалност е дека и Mercedes го забавува темпото на електрификацијата кое според зборовите на одговорните во Штутгарт во иднина ќе биде одредено од пазарните услови и желбите на клиентите. Така всушност отсекогаш и требаше да биде, но исфорсираниот политички притисок доведе до фрлање на милијарди на технологии кои ни оддалеку не можат да го вратат вложеното.
За да не биде така и понатаму Mercedes го запре развојот на новата платформа наменета за големите електрични модели која требаше да биде готова за втората генерација на EQS и EQE некаде до 2028 година. Место неа ќе се продолжи со усовршување и дополнително рафинирање на сегашната механика. Финансиските аналитичари проценуваат дека со тоа ќе бидат заштедени меѓу 4 и 6 милијарди евра. Оваа одлука потврдува дека Mercedes нема да може да ја оствари целта до крајот на деценијата да стане марка која нуди само електрични возила на пазарите каде тоа е можно, пред сé Европа и Америка. Проценките сега се дека дотогаш само половина од продажбата ќе бидат електрифицирани автомобили, вклучувајќи ги и плаг-ин хибридите.