Mercedes-Benz – EQE

насловна Поглед во иднината

Средниот ред се засилува со струја

Електрификацијата во Штутгарт се забрзува

објавено 14. јули 2021

Со најавувањето на EQE, Daimler станува сè по решен дека треба да ги напушти моторите на внатрешно согорување. Тоа не е ниту малку лесна и едноставна одлука но таа би требало да се реализира на големите пазари, додека оваа нема да се однесува на Кина. Електричното портфолио на Mercedes-Benz секојдневно се проширува и работите се одвиваат брзо. Само што EQS како електричен пандан на S-Сlass го започна својот комерцијален почеток, Швабите на големо се подготвуваат за светската премиера на EQE, која, како и E-Class, има за цел да  се допадне и да биде подостапна на многу поширока публика. Затоа контурата е направена да делува спортски додека кабината ја краси голем простор исто како и кај бензинскиот пандан.

EQE носи предна маска типична за семејството EQ, крилјата се мускулести, а предните и задните имаат хоризонтални светлосни ленти. Батериите распоредени помеѓу оските овозможуваат рамен под на возилото и ниска точка на гравитација. Генерално, EQE изгледа значително поспортски од големиот EQS, на кој не му е лесно да ја сокрие својата истакната висина, особено на задната страна. EQE го движат електрични мотори монтирани на предниот и задниот дел на каросеријата со вкупно околу 400 КС, кои ги задвижуваат обете оски. Подоцна може да се лансира верзија со погон на задните тркала, а веќе се планира AMG дериват, со значително зголемување на перформансите. Според циклусот WLTP, опсегот треба да биде помеѓу 500 и 700 километри, во зависност од моделот и пакетот батерии. Вратите даваат пристап до ентериер што е исто толку простран, колку што е футуристички. Планирано е како дел од опционалното опремување да биде понуден „хипер-екран“ веќе применет кај EQS, кој оптички комбинира три екрани под закривена стаклена површина за да формира затворен панел за прикажување. До комерцијалното претставување ќе бидат споделени уште повеќе детали за EQE чие производство е планирано да се одвива во Зинделфинген.