Ги менува правилата на игра (со видео)
Британскиот производител на суперавтомобили претстави спортски модел со багажник од дури 570 литри
објавено на 17 мај 2019 година
Звучи шлакнато но така е – и спортските автомобили денес мора да имаат голем багажник. Причините нема да ги елаборираме туку само последиците, од кои една е појавувањето на новиот модел на McLaren. Зад генеричката ознака GT се крие вистински атлет со 620 коњски сили спакуван во каросерија од јагленородни влакна тешка 1.530 килограми. Тоа му овозможува забрзување до сто за 3,2 секунди и максимални 326 километри на час.
Дотука е кристално јасно за каков автомобил зборуваме, но работите започнуваат да се менуваат кога мора да ја споменеме и практичноста. Имено, во McLaren одлучија дека е време да ја спојат со брзината и перформансите и си поставија цел да направат спортски автомобил со кој без проблеми ќе може да се тргне на подолги патувања. Така во 4,7 метри долгиот GT има место за багаж колку и во поголем кросовер – дури 570 литри. Сепак за разлика од класичните возила тој е поделен малку напред, повеќе назад. Но како и да е, јасно е дека со овој модел McLaren ги менува правилата на игра. Плус на сé е мислено и на комфорот на патниците во вистинска смисла на зборот, како и на секојдневната употребливост на возилото. Ова последното сепак сфатете го условно, бидејќи ретко кој ќе се вози низ град со парче врвна автомобилска технологија вредно 163 илјади фунти.
Видео